ПОРТПАРОЛИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ ПРЕДЛОЖЕНИ ВО ОДБОРИ Попов ја обвини Арсовска за партизација
За нови членови на Управниот одбор на ЈП Водовод и канализација Скопје се предложени портпаролите на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски и Марија Митева, третиот портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски е предложен за член на Управниот одбор на ЈСП Скопје, рече Попов.
Данела Арсовска, градоначалничката на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ тргнува во груба партизација на јавните установи и Јавните претпријатија под надлежност на Градот, обвини денеска на прес-конференција Мартин Попов, организационен секретар и советник во Советот на Град Скопје.
– „Независната“ Данела Арсовска предлага поставување лица на режимот на клучни позиции. Јелена Жугиќ, која со години беше дел од режимот и која бараше кон граѓаните да се пука со гумени куршуми, е предложена за член на Јавната установа Младински културен центар. Предлог листите за членови на Управните и на Надзорните одбори на Јавните установи и јавните претпријатија во Град Скопје се полни со партиски докажани кадри на ВМРО-ДПМНЕ. За нови членови на Управниот одбор на ЈП Водовод и канализација Скопје се предложени портпаролите на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски и Марија Митева. Третиот портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски е предложен за член на Управниот одбор на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје – рече Попов покажувајќи документ со предлог Одлука која треба да се најде пред советниците на наредната седница на Градот.