Нека горат во пеколот и бавниот систем на царина и продолжниот кабел од тетовската болница
Бавниот систем и продолжниот кабел на душа носат 58 човечки животи. Тоа се најозогласените масовни убијци во историјата на македонската криминалистика. Одвратни се, целосно без душа, без грам совест и воопшто не се каат за своите постапки. Затоа не смее да се има милост во казната што ќе следува. А не, има да се удри и врз системот и врз кабелот. И душите во пеколот ќе им горат и телото во зандана ќе им гние.
Откако продолжниот кабел беше посочен како предизвикувач на пожарот во тетовската модуларна болница, зошто тогаш за пропустите кои доведоа до трагичната сообраќајна несреќа на автобусот на „Беса транс“, да не го обвиниме бавниот систем на Царинската управа?
Всушност такво нешто навистина и се случи вчера, кога од управата ни открија дека дента кога четирите автобуси на „Беса транс“ ја напуштиле Македонија, системот за евиденција „работел бавно“ па веројатно затоа не биле регистрирани, а уште поверојатно е дека затоа и не било проверено дали превозникот поседува за возилата лиценци за меѓународен превоз.
И нема што друго, системот бил бавен и толку. Добро, двајцата цариници што биле на смена се суспендирани, но нема што да им се лутиме сега на нив бидејќи системот бил бавен, а тие нели, не можеле да го успоруваат протокот на луѓе и стока помеѓу Бугарија и Македонија. Односно постапиле како и во секоја друга ситуација кога „системот е бавен“, па ги пропуштиле сите автобуси и камиони кои чекале на ред. И тоа го правеле постојано, на неделна и дневна основа бидејќи системот е таков, значи бавен си е, ОК?
Таков беше и продолжниот кабел од Тетово. Сомнителен уште на прв поглед. Секогаш до ѕидот, вклучен во штекер, нем, без разлика дали на него е вклучен дефилбратор или електрично ѓезве за кафе, кабелот молчешкум ја извршуваше својата функцијата сè додека не заискри во критичниот момент.
Бавниот систем и продолжниот кабел на душа носат 58 човечки животи. Тоа се најозогласените масовни убијци во историјата на македонската криминалистика. Одвратни се, целосно без душа, без грам совест и воопшто не се каат за своите постапки. Затоа не смее да се има милост во казната што ќе следува. А не, има да се удри и врз системот и врз кабелот. И душите во пеколот ќе им горат и телото во зандана ќе им гние.
И до кога вака, ќе запраша некој чесен намерник, до кога системите ќе работат бавно? Бавен е и системот за образование, оној на кој децата ни учат, извикнува друг чесен намерник. Третиот на поминување вели дека бавно работи и системот на УЈП, на Фондот за пензиско осигурување, а и Мој термин знае да се парализира.
Бавни системи и сомнителни продолжни кабли ни ги убиваат децата и ни ја подриваат државата. Надлежните, туку мислам на гласачите, конечно треба да стават крај на овие штетни појави во општеството. Како? Па, на наредните избори да размислат добро за „системот завиткан во кабли“ и нека ги забрзаат системите.