„Прогресот“ пак се обедини, ама бугарското вето остана!
Преведено на речникот на овие што „информираат тајно“, без разлика како ви чука срцето, патот за Брисел води преку Софија. А на Софија ѝе гајле за притисоците од другите членки на Унијата, бидејќи тоа се приказни за мали деца, за пратеници на Беса и Алтернатива, како и за тие што сакаат да поверуваат дека во нашава мизерија има некаков систем.
Минатата недела научивме дека во новото парламентарно мнозинство ќе влезат луѓе чии срца спијат во Брисел и во Вашингтон. Македонскиот прогрес е составен од луѓе кои заспиваат со НАТО и се будат со ЕУ и ништо друго не ги интересира во политиката и во животот.
Затоа и пропадна опозициската акција во Собранието, во обидот да се изгласа недоверба на владата. Бидејќи некој од надвор има кажано дека во декември Македонија ќе ги почне преговорите со ЕУ, па нема да биде згодно ако во Скопје нема стабилна власт, која ќе може да одговори на предизвикот.
Се разбира, сето тоа што беше кажано и напишано на оваа тема во медиумите беше – неточно. Но, владата преживеа.
Покрај Кастриот Реџепи од Беса, владејачкото мнозинство ќе биде зголемено и со пратениците од Алтернатива, кои исто така напрасно открија дека срцата им прескокнуваат на географските широчини и должини на Брисел и Вашингтон. И тие почнаа да лиферуваат „информации“ во јавноста дека спорот со Бугарија наскоро ќе биде надминат и дека во моментов Софија е под „силен притисок“, а тие се одговорна партија која не смее да дозволи европскиот пат на Македонија да биде ставен под знак прашалник.
Итн, итн, итн…
Колку и некој да се труди, едноставно не може да ги запомни сите полутајни брифинзи, кои наеднаш станаа достапни во јавноста. Па дури и холандскиот премиер Марк Руте, при неодамнешната посета на Македонија, јавно кажа за „тајните преговори што членки на Унијата ги водат со Бугарија“. Поголема потврда од тоа дека Софија само што не прогласила капитулација и не може да има, нели? Директно од усните на Руте, кој во меѓувреме заборави дека во минатото токму неговата земја беше главната пречка на европскиот пат за Албанија и за Македонија.
Меѓутоа, вчера од Софија стаса многу јасен демант на овие шпекулации. Претседателските кандидати Румен Радев и Анастас Герџиков, кои дебатираа во пресрет на вториот круг од изборите, недвосмислено истакнаа дека нема да го променат својот став кон Македонија. Само неколку часа претходно, Даниел Лорер, кој се смета за најсериозен кандидат за министер за надворешни работи во новата влада во Софија, порача дека 14 декември не е реалистичен рок за постигнување на целосен договор со Македонија.
Да потсетам, 14 декември е датумот на кој Македонија треба да добие датум, односно баш тогаш, според сите оние претходно јавно изнесени, а во исто време „тајни“ информации, земјава треба да ги почне преговорите со ЕУ.
Значи, наспроти тајната дипломатија, јавните и официјални информации нè уверуваат дека Македонија нема да добие датум во декември, а не е тешко да се претпостави дека тоа нема да се случи ниту во јануари, па ни во февруари, а можеби нема да ги почнеме преговорите ниту во текот на целата 2022 година. Тоа нема да се случи ни подоцна, доколку претходно не бидат прифатени „црвените линии“ на Бугарија.
Или преведено на речникот на овие што „информираат тајно“, без разлика како ви чука срцето, патот за Брисел навистина води преку Софија. А на Софија ѝе гајле за притисоците од другите членки на Унијата, бидејќи тоа се приказни за мали деца, за пратеници на Беса и од Алтернатива, како и за тие што сакаат да поверуваат дека во нашава мизерија има некаков систем.
Владејачкото мнозинство што денеска ќе го договорат Зоран Заев и лидерот на Алтернатива Африм Гаши ќе произведе влада која во декември нема да прави ништо особено за евроинтеграциските прашања и за нашето зачленување во ЕУ. Веројатно Опен Балкан?
Можеби, не знам.