МНОГУ МИ Е МИЛО ПОРАДИ ТОА ШТО НЕ ПАДНА ВЛАДАТА Кастриот Реџепи вели дека во декември сите ќе се радуваме на датумот за членство во ЕУ

Јас сум убеден дека во декември нашата земја ќе добие датум за преговори со Европската Унија и дефинитивно сметам дека се точни сигналите што ги добивме од претседателот на Франција, Емануел Макрон, а кои се однесуваат на тоа дека државите кои досега ни го блокираа интеграцискиот пат, сега ни даваат целосна поддршка, истакна пратеникот Кастриот Реџепи во емисијата „360 степени“ на Алсат.

743

Во декември ќе добиеме датум за преговори со Европската Унија и затоа ми е многу мило поради тоа што владата не падна во четвртокот, рече пратеникот Кастриот Реџепи во интервјуто за „360 степени“ на Алсат.

– Јас сум убеден дека во декември нашата земја ќе добие датум за преговори со Европската Унија и дефинитивно сметам дека се точни сигналите што ги добивме од претседателот на Франција, Емануел Макрон, а кои се однесуваат на тоа дека државите кои досега ни го блокираа интеграцискиот пат, сега ни даваат целосна поддршка. Затоа, мене ми е мило поради тоа што во четвртокот не падна Владата, бидејќи во декември сите ние ќе се радуваме на датумот – рече Реџепи.






Тој истакна дека евентуалното изгласување недоверба на владата би го довело под знак прашалник прашањето за европскиот правец на државата.

– Прашањето за потпишување на иницијативата за изгласување недоверба и прашањето што можело да се случи во четвртокот се две различни работи. Тоа секако ќе го доведеше под знак прашалник прашањето за правецот на државата. Во моментот кога јас се потпишав на иницијативата, државата практично немаше премиер, бидејќи премиерот Зоран Заев си поднесе оставка. Сакам да им се заблагодарам на сите оние кои се загрижиле за моето отсуство од седницата, а верувам дека поради сите шпекулации во јавноста, многу мои пријатели и роднини поминале низ тешка ситуација. Мојот првичен став беше да се појавам во Собранието и да присуствувам на седницата за изгласување недоверба на владата, да одржам говор и да гласам, но имајќи предвид дека нема да има други учесници освен пратениците кои се потпишани на иницијативата, јас ќе бев единствениот во салата кој на крајот ќе гласаше против. Ние сè уште не сме ги излечиле раните од „27 април“, сè уште сме имале случаи кога имало тензии во овој состав – рече Реџепи.

Пратеникот вечерва гостуваше и на ТВ21, каде што истакна дека во четвртокот се засолнил кај свој пријател во Скопје, а со него била и неговата мајка.

– Јас постојано бев во Скопје, а не во Бугарија или во Абу Даби како што се шпекулираше во јавноста. Се засолнив кај еден мој пријател. Морав да го сторам тоа, оти добивав голем број закани. Мајка ми беше со мене. По сите тие случувања, можам да кажам дека физички не спијам мирно, но духовно спијам мирно. Мирна ми е душата – рече Реџепи.

На прашањето дали е во комуникација со премиерот Зоран Заев, Реџепи рече дека не е во контакт со премиерот, но дека други луѓе од СДСМ го контактирале.

– Не ми се јавил Заев. Нормално е дека се знаеме, но не ме побарал и не ми се јавил во последниве две недели. Ми се јавија Димитров, Спасовски и Маричиќ, но тоа во првата фаза кога се поднесуваше иницијативата. Ме прашуваа што се случува, а јас им реков дека нивниот претседател ја згреши работата. Мислев на Заев. Тој погреши со оставката. Ние како Движење Беса имавме договор со него како премиер, а тој си поднесе оставка – истакна Реџепи.

Поврзани содржини