ГРАЃАНИТЕ ШТО УПЛАТИЈА ОДМОР ПРЕД ЕДНА ГОДИНА ЌЕ СЕ СОНЧААТ НАРЕДНАТА Агенциите ги продолжија роковите на ваучерите за следното лето

Од Министерството за економија, немаат намера официјално да го продолжат рокот по Нова година, но велат дека доколку постои согласност од двете страни (клиент-агенција) ваучерите можат да ги продолжат до крај на 2022 година.

1,174

Граѓаните алармираат дека не ги искористиле ваучерите кои им ги дадоа туристичките агенции за неискористените резервирани патувања во 2020 година. Се плашат дека ќе им пропаднат парите бидејќи рокот за искористување на ваучерите утврден со Уредбата на владата е 31 декември. Дел од нив веќе најавуваат и тужби за да ги вратат парите.

Агенциите тврдат дека нема да остане нереализиран ваучер и најавуваат можност клиентите неискористените ваучери да ги потрошат и во текот на следната година, бидејќи не можат да им ги вратат парите.






Од Министерството за економија, немаат намера официјално да го продолжат рокот по Нова година, но велат дека доколку постои согласност од двете страни (клиент-агенција) ваучерите можат да ги продолжат до крај на 2022 година.

Граѓаните и покрај ова се плашат дека уплатените пари ќе им останат невратени.

– Не успеав да го искористам ваучерот за патувањето во Грција. Агенцијата ми понуди, но јас се плашев од сè што се случуваше со ширењето на ковид-19. Побарав да ми се вратат парите, но во агенцијата ми рекоа дека не можат да ги вратат бидејќи и Грците не им ги вратиле, пропаднала агенцијата со која соработувале, но и дека немале приходи за да можат да ги вратат парите. Ми предложија да ги искористам парите за друго патување. Сега не знам дали пандемијата ќе попушти следната година и дали ќе можам да ги искористам тие пари. Владата им даде рок до 31 декември, но мислам дека и овој термин ќе го пробијат. Останува да се надевам дека следната година ќе можам да патувам или да ги тужам по Нова година со образложение дека не го почитувале рокот – вели скопјанка која не сакаше да ја спомене агенцијата во која уплатила патување.

Агенциите тврдат дека мал е бројот на граѓани со кои не се раздолжиле годинава. Дел од нив до средината на годината ги покриле долговите.

– „Арбо травел“ се раздолжи со клиентите уште лани, но проблемот останува за агенциите кои соработуваа со грчкиот туро-оператор кој веќе е банкротиран – вели Дончо Нацевски.

Агенциите кои сѐ уште имаат нереализирани ваучери веќе најавија дека на граѓаните ќе им овозможат  да ги искористат следната година, бидејќи нема најава дека Министерството за економија ќе го продолжи рокот за нивно користење. Нивна цел е да не остане ниту еден клиент оштетен од целата состојба.

– Веќе ги информиравме нашите клиенти кои поради одредени причини не ги искористија ваучерите годинава, дека ќе можат да ги искористат за патување наредната година. Кај нас над 80 отсто од клиентите веќе ја искористија можноста и остануваат околу 15 до 20 отсто – вели Ана Богоевска резервација менаџер во ТА „Савана“.

Според неа, најголем дел од уплатените пари на граѓаните биле за Грција и Турција.

– Тоа беа рани уплати, депозити за попусти кои се уплатени кај нашите партнери во Грција и Турција и не ни се вратени. Ние им дадовме можност на клиентите да ги искористат самите, да ги дадат на друг или да ги заменат патувањата од Грција во Турција и обратно. Голем дел ги искористија. Сепак оние кои поради оправдани причини не го сторија тоа, како што веќе реков, ќе можат да ги искористат ваучерите следните патувања – вели Богоевска.

Дел од агенциите кои годинава не успеаја да се раздолжат со клиентите очекуваат владата да го продолжи рокот, бидејќи некои од клиентите им се закануваат со тужби и инспектори и ги бараат парите назад. Се жалат дека финансиски годинава им била полоша од ланската, а неизвесноста ќе трае и наредната година па поради тоа нема да можат да ги вратат парите, ако клиентите не сакаат да ги користат ваучерите.

Дел од нив се најдоа во неповолна состојба и годинава кога пропадна грчкиот тур-оператор „Музенидис“. Тие се надеваа дека годинава ќе ги реализираат аранжманите уплатени лани преку овој грчки тур-оператор, но заглавија и со новите за годинава.

Според владината Уредба со законска сила за издавање на ваучери за аранжмани кои поради пандемијата со ковид-19 не можеа да се реализираат во 2020 година предвидува рок за искористување на ваучери заклучно со 31.12.2021 година.

Министерството за економија не размислува да го продолжи рокот и во следната година, но остава можност агенциите и нивните клиенти да се договорат за начинот на користење на ваучерите.

– Имајќи предвид дека со Законот за туристичка дејност агенциите можат да издаваат ваучери, Министерството за економија во консултации со стопанските комори зазеде став дека доколку постои согласност од двете страни (клиент-агенција) истите ќе можат да ги продолжат до кај на 2022 година. Од овие причини Министерство за економија не гледа пречка истите да не се продолжат од страна на агенциите доколку имаа согласност од клиентите – велат од Министерството за економија.

Моментално нема информација колку од претпоставените 12.000 аранжмани кои требаше да се реализираат во 2020 година и издадените ваучери за нив се покриени.

Се проценува дека процентот на раздолжување на агенциите со клиентите се движи од 50 до 90 отсто.

Поврзани содржини