СЕ ВООРУЖУВАМЕ ЗА ДА СЕ ЗАШТИТИМЕ ОД САД Ким Јонг Ун проговори за новите ракети
Пјонгјанг ја зајакнува својата војска во самоодбрана, а не за да започне војна, рече Ким во говор на воена изложба, пренесе севернокорејската агенција КЦНА.
Северна Кореја повторно произведува гориво за нуклеарни бомби и го проширува својот нуклеарен реактор „за да се заштити од САД“, но и од најновото вооружување на соседна Јужна Кореја, јавува МИА. Самоодбрaната и националниот суверенитет беа острите зборови со кои лидерот на земјата Ким Јонг Ун во свој говор го оправда новото забрзување во ракетната програма.
– Пјонгјанг ја зајакнува својата војска во самоодбрана, а не за да започне војна – рече Ким во говор на воена изложба, пренесе севернокорејската агенција КЦНА.
Ким говорот го одржа стоејќи пред разновидното оружје, меѓу кое беше и интерконтиненталната балистичка ракета „Хвасонг-16“ (ИЦБМ). Таа е најголемата севернокорејска балистичка ракета што беше претставена лани во октомври на воена парада, но сè уште не е тестирана.
– Не зборуваме за војна со никого, туку за спречување и одвраќање на војната со цел да се заштити националниот суверенитет – рече Ким.
Иако САД изразија подготвеност за одржување дипломатски преговори во секое време со Северна Кореја, Пјонгјанг изрази незаинтересираност сè додека Вашингтон ја продолжи политиката на санкции и воена активност во Јужна Кореја.
– Тешко е да се поверува во тврдењата на САД дека нема непријателски чувства кон Северна Кореја кога сме сведоци на нивните погрешни процени и постапки – рече Ким.
Тој додаде дека и опасните напори на Јужна Кореја да ја засили војската го уништуваат воениот баланс на Корејскиот полуостров и ја зголемуваат нестабилноста и опасноста.