Чао Македонијо, се гледаме и се слушаме на интернет!

„Ако пред десетина години постоеја 50 локали во земјава каде пејачите можеа да настапуваат, сега има едвај десетина такви. Едноставно, нема доволно публика во некои градови“, открива музичкиот менаџер Васко Спасоски.

973

Отсуство на државна стратегија за поттикнување на развојот на домашната музичка продукција. Погрешна политика на мејнстрим медиумите. Целосна потценетост на домашните ѕвезди, принудено да творат за понижувачки хонорари и на ниво на „хобисти“. Немање слух за нови идеи. Наплив на турбофолк и шунд од соседството. Корупција. Менување на вкусовите не само на публиката, туку и на тие што ги кројат политиките во оваа област.

Тоа се клучните проблеми кои во досегашните четири продолженија на серијалот „Каде исчезна македонската естрада“ ги анализираа Ана Костовска, Григор Копров, Александар Масевски, Васко Спасоски, Антонио Димитриевски и Катерина Евго, познати имиња од македонската музичка сцена.






Јазичната бариера не е пресудна

Големата битка на музички пазари е и на меѓусебна борба на различните јазици на кои се пее. Тоа, пак, води кон дилемата дали јазикот создава непремостливи тешкотии македонски пејач да се пробие надвор од земјата, дали публиката повеќе сака српски, хрватски или англиски јазик?

– Не мора да значи дека е пресудна јазичната бариера. Понекогаш токму таа автентичност што ја носите од својот крај умее да ве „продаде“. На пример, Скопскиот џез фестивал издава доста локални изведувачи, кои прават непопуларна џез-музика и тоа е една друга голема битка за освојување на пазарот – вели Катерина Евго од „Пасворд продукција“.

Од тој аспект, Македонија може да се пофали со неколку успешни приказни:

– Меѓународниот успех на домашните бендови како Кирил Џајковски, Дубиоза Колектив, Суперхикс, се доказ дека ете, со многу труд и промоција, можеме да дојдеме до успех. Но, кај нас не се пишува за оваа тема. Ние немаме музички медиуми. Дури и во рамки на редакциите, оние кои работат со музика се или последни, или, едноставно, недостасуваат музички новинари – заклучува Евго.

Нови медиуми, нова шанса

За крај на ова истражување, фокусот го поместивме кон оние кои веројатно оваа тема најмногу и ги засега – младите. Луѓето кои со години творат во оваа област предупредуваат дека и иселувањето на младите во последните деценија и половина дополнително го осакатија македонскиот музички пазар. Салите веќе не се полнат како порано, интересот опаѓа, а младите неповратно се приклонуваат кон новите медиуми.

Васко Спасоски, музички менаџер

 

– Ако пред десетина години постоеја 50 локали во земјава каде пејачите можеа да настапуваат, сега има едвај десетина такви. Едноставно, нема доволно публика во некои градови – открива Васко Спасоски.

Но, работите во Македонија се менуваат, со или без државна стратегија. И допрва ќе се менуваат. Пазарот не знае за стоп, гледачите пред малите екрани и слушателите на радијата се жедни за домашна музика, домашни серии, еден добар домашен квиз, еден стих на македонски јазик. И додека ние се прашуваме за тоа каде исчезна македонската естрада и дали има шанси таа повторно да заживее во концертните сали и во мејнстрим медиумите – додека дебатата за „правилата на игра“, за државната стратегија, за општествениот статус на музичарите и за другите прашања што живот значат се сведува на разговор ва глуви – се создава и ширум се отвора еден нов свет, светот на новите медиуми.

Додека чекаме да ја вратиме нашата музичка и забавна продукција во живот, интернетот, Јутјуб, ТикТок и Спотифај им овозможуваат на младите да ја пласираат својата музика и да ги покажат своите таленти некаде „таму“, некаде „отаде“, во светот на „незнајното“. Додека кај нас, локално, во нашите општини, градоначалниците на рака им даваат илјадници евра на ѕвездите од регионот, за сите свечени и други згодни пригоди да бидат „збогатени“ со старо-новите цеци-меци, нашите млади артисти бараат место под сонцето во универзумот на „глобалното село“.

Младите македонски музичари сè повеќе се вртат таму каде што е присутна нивната публика – кон Јутјуб, ТикТок, Спотифај и другите интернет платформи, кои на некој начин веќе ја пополнуваат празнината. Дали е тоа нова шанса за нашите артисти? Тоа е тема за нашето следно истражување за иднината на македонската музичка продукција.

Поврзани содржини