ВМРО-ДПМНЕ ОБЈАВИ НОВИ ДЕТАЛИ ОД АФЕРАТА „БЕТОНИЗАЦИЈА НА СЦ БОРИС ТРАЈКОВСКИ“ Шилегов ќе уништи две фудбалски игралишта
Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ вели дека со планот на Шилегов, згради ќе се градат на теренот на ФК „Локомотива“ со трибините, другото фудбалско игралиште, но и сите околни зелени површини.
Петре Шилегов може да ветува засадување на стотици, како што тој ги нарекува, школувани дрва. Но, тој не може да избега од вистината дека неговите урбанистички планови – се планови за тотална бетонизација на секое квадратно место зелена и спортска површина,обвини денеска Стефан Андоновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој обелодени нови елементи од планот на Шилегов да изгради згради во дворот на спортскот центар „Борис Трајковски“.
– Двете фудбалски игралишта на овој простор прераснуваат во дел за домување, бидејќи Шилегов планира нови згради. Нови бетонски чудовишта. Со планот на Шилегов, згради ќе се градат на теренот на ФК „Локомотива“ со трибините, другото фудбалско игралиште, но и сите околни зелени површини. За да им удоволи на бизнис олигарсите кои стојат и зад неговата, и зад кандидатурите на сите кандидатите за градоначалници во цело Скопје, Шилегов е подготвен да го бетонизира секој слободен квадратен метар во Скопје. Нема место за тениски терени, нема место за фудбалски игралишта, а место останува само за мегаломанските идеи за бетонска џунгла на Петре Шилегов – рече Андоновски.
Тој потсети дека со Регулацискиот план З – 04, Шилегов планира да уништи дел од спортскиот центар „Борис Трајковски“ за таму да подигне згради.
– Во планот на Шилегов се уништуваат тениските терени, терасата од базенот Карпош, картинг-патеките и околното зеленило. Булеварот кој го планира Шилегов ќе поминува на само 10 метри од базенот во СЦБТ.Со печат од Градот и Општината, Шилегов сака да обезбеди милионски суми профит за неговите бизнис ментори.Финансиска бонбона бизнис на сметка на спортот и зеленилото во Скопје – рече Андоновски.