Бујар Османи, што беше тоа беса?

Дали тоа што Албанците се запишани во македонскиот устав - и тоа со специјален статус -  значи дека тие веќе не се еден народ во три држави? Тврдењето на Османи дека Бугарите ја напуштаат тезата „еден народ, две држави“ е небулоза и лага.

7,147

Искрено, секогаш ми е мака кога морам да ги коментирам изјавите на Бујар Османи. Ми остава впечаток на исклучително пристоен, фин и добронамерен човек. Кого не би сакал да го спомнам во лош контекст.

Арно ама…






Бујар Османи е наш (и мој, значи) министер за надворешни работи. Во тоа својство тој учествува во преговорите со Бугарија, кои го засегаат нашиот (и мојот значи) македонски национален идентитет.

Овој пристоен и фин човек зборува и одлучува за прашања кои ме засегаат. И лично. Најлично!

И затоа очекувам тој да ме почитува. Да ги почитува моите чувства. Чувствата на мојот народ. Како што јас ги почитувам него лично, неговите чувства и неговиот народ.

Фер ли е тоа?

Затоа морам на Бујар Османи да му кажам дека неговото тврдење дека барајќи Бугарите да бидат запишани во македонскиот устав  Бугарија се откажува од тезата „еден народ, две држави“ е небулоза и лага.

Има многу аргументи со кој таа лага може лесно да се разобличи, но јас ќе го употребам оној што Османи, како доблесен Албанец, најлесно ќе го разбере.

Дали тоа што Албанците се запишани во македонскиот устав – и тоа со специјален статус –  значи дека тие веќе не се еден народ во три држави?

И во сите три – конститутивен народ?

Дали Албанците во Македонија се некој посебен народ, различен од Албанците во Албанија во Албанија и од Албанците на Косово?

Освен што е нелогична и политички неодржлива, тезата на Османи за Бугарите е и манипулативна. Таа сугерира дека ние треба да го игнорираме фактот дека Бугарија со децении ја негира посебноста на македонската нација. Таа теза е опасна и во нејзината исходишна точка е и – антимакедонска.

Дали тоа значи дека Османи е лажго, манипулант и антимакедонец?

Не, далеку од тоа. Но, неговиот однос кон нас, Македонците, мора да биде фер и сочувствителен. Ако сака да биде наш и мој министер. А не министер на приватната компанија Заеви ДОО која сега се претставува како влада на РСМ.

Во 2019 година, еден важен политичар Албанец од Македонија, во доверба ми рече – во новата влада ние, Албанците, нема со Бугарите да преговараме во име на Македонците; ние нема да тргуваме во ваше име, затоа што разбираме дека ова прашање првенствено вас ве засега; ние нема да ве предадеме.

Тоа јас го разбрав како даден збор. Како беса. И си го врзав во крпче.

Затоа, сега сум разочаран кога го слушам Османи како се обидува да нè подлаже и да нè изманипулира. Од Заев тоа го очекувам, тоа му е како добро утро и добар ден. Но, не и од Бујар Османи. И не од другите Албанци во владата.

Та нели беса беше збор потврд од камен?

Поврзани содржини