Како Јавното обвинителство кукавички го „одбрани“ хејтерот Тричковски, со криење кривична пријава во фиока
Јавно прашање до Јавното обвинителство – кој е обвинителот кој мојата кривична пријава ја чувал во фиока 21 месец и ја извадил сега, на помалку од 3 месеци пред застарување на делото?
Денеска, 20 септември 2021 година, бев на разговор со овластен инспектор од Одделението за насилен криминал на СВР Скопје, на негова покана, во врска со мојата кривична пријава против познатиот хејтер Бранко Тричковски.
Како што веќе објавив на Фејсбук, поради статус на оваа социјална мрежа, во кој Тричковски повика да бидам обесен (статус пренесен и од електронскиот медиум И-портал), на 6 декемрви 2019 година, во Основното јавно обвинителство Скопје, поднесов кривична пријава, за сторено кривично дело Загрозување на сигурноста, според член 144 став 1 в.в. став 4 од Кривичниот законик на РМ.
Наивно очекував ОЈО да постапи според законот.
Кон крајот на минатата недела, прв пат по поднесувањето на пријавата пред 21 месец, бев повикан од страна на Одделението за насилен криминал, да дадам исказ. Ја искористив приликата на инспекторот Д.П. да му го поставам за мене клучното прашање – зошто сум повикан да дадам исказ толку доцна. Човекот беше љубезен и ми објасни дека тој од Јавното обвинителство добил наредба да ме повика на разговор дури на 11 септември 2021 година. На моето прашање кој е јавниот обвинител што ја издал наредбата, љубезниот инспектор не сакаше да ми каже, туку ме упати да се обратам во Основното јавно обвинителство Скопје.
ОК, еве јавно го прашувам и Јавното обвинителство – кој е јавниот обвинител што ја издал наредбата?
Инаку, во наредбата се бара инспекторот да ги истражи моите мотиви, да утврди зошто сметам дека сум бил загрозен од заканата и секако, прашањето што треба „елегантно“ да го спаси Тричковски од кривична одговорност – зошто сметам дека ликот што Тричковски го ословува со „Кикифрики“ сум токму јас.
Сериозноста на заканата е неспорна и ја образложив лесно. Во врска со „идентитетското прашање“, пак, ми помогна и самиот Тричковски, кој пред два дена објави статус на Фејсбук под наслов „Остана Кикифрики необесен, хахаха!“, во кој јасно и недвосмислено потврдува дека неговиот заканувачки статус (сега и преобјавен) се однесува токму на мене. Дополнително, хејтерот се потсмева, тврдејќи дека судбината на мојата пријава е доказ дека правната држава функционирала.
Да, најважното прашање е судбината на мојата пријава и јасно се гледа дека на сторителот на кривичното дело му било важно таа некако да пропадне. За жал, Тричковски тука е во право – со своето непостапување, Јавното обвинителство најверојатно ќе успее мојата пријава да стане беспредметна поради застарување.
За наведеното кривично дело е запретена парична казна или затвор до 6 месеци. Според законот, 2 години од извршувањето на кривично дело за кое според законот може да се изрече затвор до 1 година или парична казна, тоа застарува. Значи, органите на прогонот прв пат ме повикуваат да дадам исказ во врска со мојата кривична пријава против Тричковски на 2 месеци и 24 дена пред истекот на рокот за застарување. Јасно е дека во тој рок не постојат ни теоретски шанси да се стори било што во врска со кривично-правниот настан што уредно го пријавив, да повторам, на 9 декември 2019 година.
Очигледно е дека некој смислено ја ставил мојата кривична пријава во фиока и сега сака да одглуми „реакција“, за да се прикрие очебијниот факт дека Јавното обвинителство и МВР намерно решиле да не преземаат никакви дејствија и така да го одбранат кукавицата Тричковски од одговорност за стореното кривично дело. Одбрана со застарување, класична кукавичка одбрана!
Како што напишав на Фејсбук, дури и ваков епилог на мојата кривична пријава за мене е сатисфакција и директна потврда дека имало причина поради која органите на прогонот одлучиле да го „бранат“ апологетот на власта со застарување на делото. Оваа валкана игра е индиректно признание на вината на сторителот на кривичното дело, за кое поднесов кривична пријава, верувајќи наивно во институциите на системот.
Освен кутриот Тричковски, вака избербатен од сопствената постапка и од „одбраната“ на органите на прогонот, сега треба да го откријам и јавно да го соопштам името на обвинителот кој на 11 септември 2021 година, 21 месец по поднесувањето на мојата кривична пријава и помалку од 3 месеци пред застарувањето на делото, одлучил пријавата да ја извади од фиока. Се надевам дека Јавното обвинителство ќе има доблест јавно да го соопшти неговото име, а Советот за јавни обвинители да ја оцени неговата постапка.
За овој резил ги известив и новинарските здруженија, но не знам дали мојот „случај“ ќе го оценат како релевантен, при нивните калкулации дали е опортутно да се реагира и што би можело (или смеело) да се каже. А и не е битно. Верувам дека на сите им е јасно дека кога станува збор за апологетите на хибридниот режим на Зоран Заев, во медиумите и на социјалните мрежи, митот за тоа дека сите сме еднакви пред законот станува шарена лага. Една од оние што се соопштуваат со рачето на срце и со кисела и злобна, хејтерска насмевка.