МОЖЕ ЌЕ ГИ ПРИФАТАМ ОСТАВКИТЕ, МОЖЕ И НЕ! Заев ќе ги почека извештаите од истрагата за пожарот, па ќе пресече
Ако ги вратиме животите на тие 14 луѓе, рече премиерот Зоран Заев, не само што ќе си дадеме оставки сите, туку и ќе си заминеме од политиката, но тоа не е можно.
Јас можеби ќе ги прифатам четирите оставки, меѓу кои и таа на министерот за здравство Венко Филипче, но можеби и нема да ги прифатам. Ова денеска го рече премиерот Зоран Заев, додавајќи дека ги чека извештаите кои ќе дадат одговор на прашањата како избувнал пожарот во тетовската модуларна болница и кој е одговорен за несреќата
– Можеби нема да ги прифатам оставките, а можеби и ќе ги прифатам. Не само затоа што јас ги чекам одговорите за да дадам свој став по повод поднесените четири оставки, туку поважно е тоа што граѓаните бараат одговор на прашањата што всушност се случило, кои се причините за пожарот или слично. Очекувам до крајот на оваа недела да излезат извештаите – рече премиерот.
Ако ги вратиме животите на тие 14 луѓе, додаде Заев, не само што ќе си дадеме оставки сите, туку и ќе си заминеме од политиката, но тоа не е можно.
Тој посочи дека сите сме креатори на состојбата во државата и дека модуларните болници се ставени за луѓето да не мора да бидат примани на паркингот пред клиниките.
– Станува збор за модуларни контејнери кои се фабрички изработени на друго место. Целта беше исполнета и треба да продолжат да функционираат. Јас го разбирам гневот на новинарите кога поставуваат прашања, бидејќи болката од загубата на 14 животи е голема. Но, мора да водите грижа за причините за нешто што се случило, ама мора да знаете и што потоа. Ќе учите некој да навлезе и да менаџира со короната? – рече Заев.