Филипче понуди оставка од неморални причини

Никој веќе не може да го спаси министерот Венко Филипче. Но, сè уште може да се спаси доктор Венко Филипче. Затоа, го молам под својата пишана оставка, веднаш да допише: „П.С. Оставката е неотповиклива“.

8,660

Оставка не се нуди. Оставка се поднесува. Јасна, прецизна, неотповиклива.

И само така се демонстрира политички морал, личен интегритет и достоинство.






„Понудената“ оставка нема никакво политичко значење.

Оставката што вечерва задоцнето ја „понуди“ министерот за здравство Венко Филипче е од неморални причини. За жал, секој лаик за политика тоа може да го прочита.

Венко Филипче е прочитан. Ко селски буквар.

Овој негов потег е очајнички обид да конституира јавна поддршка за својата очигледна желба да ја задржи министерската фотелја, додека да се заборави трагедијата во Тетово.

„Понудената“ оставка е план, или само пуста желба на очајниот Филипче, премиерот Зоран Заев да ја одбие и да го задржи својот омилен министер, неодамна кооптиран во партиски потпретседател.

Со овој кукавички потег на Филипче е навестена една нова понижувачка манипулација, која, за жал на очајниот министер, сепак нема да помине.

Не може да помине. Планот е политички неодржлив. И веќе виден. И глупав.

Заев не може да си дозволи таков луксуз да го земе во заштита својот министер кукавица. Не сега, кога дури тројца функционери Албанци машки и достоинствено поднесоа оставки.

А и никој сериозен опинион мејкер, та дури ни највоспалените апологети на хибридниот режим, веќе не се обидуваат да го одбранат Филипче.

Сите знаат дека ова не се брани, оваа утакмица е изгубена. Запретана во пепелта во која згаснаа четиринаесет човечки животи. За кои мора да се плати и политичка цена. Меѓу другото.

Заев тоа го знае и затоа ќе ја прифати оставката на Филипче. Мора. Во спротивно, ќе изврши политичко самоубиство на отворена сцена.

Затоа, го молам министерот Филипче уште вечерва, брзо, ама итно, да ја преформулира својата оставка во неотповиклива. И така да си го спаси образот.

Никој веќе не може да го спаси министерот Филипче. Но, сè уште може да се спаси доктор Венко Филипче. И треба да се спаси. За негово, ама и за наше добро. Добар доктор е Венко, а ние немаме добри доктори за фрлање.

Од него зависи. Затоа го молам под својата пишана оставка, веднаш да допише: „П.С. Оставката е неотповиклива“.

Само така ќе си ги спаси образот.

Поврзани содржини