ВМРО-ДПМНЕ БАРА РЕАКЦИЈА НА АНТИКОРУПЦИСКА Георгиевски незаконски дозволи Усеини да гради асфалтна база во Охрид
Сашо Донев тврди дека скспресно за само неколку часа било издадено одобрение за градба на бетонска и асфалтна база, дури биле вратени од одмор вработени, а некои морале да работат и од дома само да се задоволи барањето на Усеини.
ВМРО-ДПМНЕ денеска ја повика Антикорупциска комисија да испита како е можно да се откупи парцела за една намена, а веднаш потоа да се измени и правилникот кој сега дозволува изградба на бетонска и асфалтна база во Охрид?
– Антикорупциска да испита на каков начин е спроведена постапка за отуѓување на градежното земјиште свесно оштетувајќи ги буџетот на општина Охрид и буџетот на Република Македонија? и Дали така свесно се тактизираше за да не пројават интереси други инвеститори за откуп што би значело и повисока продажна цена на земјиштето? – рече Сашо Донев од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој обвини дека општината тоа го направила само за да ги задоволи апетитите на Нефи Усеини.
-Константин Георгиески и СДСМ ветуваа нови инвестиции и работни места кај Мауцкер, но за жал ништо не направија и ги згаснаа последните надежи дека таму некогаш ќе никне современа индустриска зона со стотици нови вработувања. Георгиески и СДСМ не само што депонираа илјадници метри кубни шут и ѓубре, туку деновиве исплатија и нова фактура за овој циклус дадени услуги на нивниот вечен доверител Нефи Усеини – рече Донев.
Според него, минатата недела општина Охрид работела само за еден човек.
– Експресно за само неколку часа беше издадено одобрение за градба на бетонска и асфалтна база, се враќаа вработени од одмори, а некои работеа и од дома само да се задоволи барањето на Усеини додека граѓаните чекаат и по две години да добијат едно обично одобрение за градба – рече Донев.
Тој потсети дека градежната парцела кај Мауцкер Усеини ја откупил за багателна сума од 71 денар по метар квадратен според која намената на градежното земјиште беше лесна и незагадувачка индустрија и не предвидува изградба на бетонска и асфалтна база.