ДИЛЕРИТЕ ОД ГРЧЕЦ СЕ СПОГОДИЈА Босовите сѐ уште се недостапни
Обвинетите што се спогодија со обвинителството се упатени на издржување на изречената казна, а за останатите истражната постапка е во тек.
По спогодбите со седуммината припадници на т.н. група од Гази Баба осомничени во предметот „Планина“, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција склучи Предлог-спогодби со уште седум лица од групата во Грчец.
„Откако беа запознаени со доказите што обвинителството ги прибави во текот на спроведувањето на предистражната и истражната постапка, го признаа извршувањето на кривичното дело за кое се товарат. Судијата на претходна постапка при Основиот кривичен суд – Скопје ги прифати Предлог-спогодбите и лицата ги огласи за виновни за сторено кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори предвидено и казниво по член 215 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик“, соопшти Обвинителството.
На обвинетите им е изречена казна затвор во која се пресметува и времето поминато во притвор. Осомничениот С.С.(34) осудуван за други кривични дела е казнет со затвор од пет години, осомничените Б.Љ.(39) и Ф.Љ. (33) осудувани за други кривични дела добиле по три години и шест месеци, а осомничените И.А. (19), С.Е. (21), Е.И. (24) и Ќ.Љ. (29) досега неосудувани добиле по три години.
Во периодот од март 2020 година до март 2021 година осомничените И.М. и Б.Љ. кои се недостапни на органите на прогонот, како и други лица, во повеќе наврати искористувајќи исти прилики и други слични околности неовластено купувале наркотична дрога – кокаин, хероин и марихуана и ја криеле на безбедни локации во селото Грчец. За неовластена продажба организирале мрежа на препродавачи и посредници во која биле опфатени и останатите осудени и осомничени лица. Тие имале задача да воспоставуваат контакти со заинтересирани купувачи од Тетово, Гостивар, Скопје, Струмица и од други градови. Откако ќе ја договореле цената, количината и видот на наркотичната дрога, ги известувале И.М. и Б.Љ. кои им ја давале измерена и спакувана нарачката. Препродавачите добивале процент од постигнатата цена која се движела од 4-5.000 денари по грам за кокаин и од 12-15.000 денари за 100 грама марихуана.
Од групата претходно биле одземени возило „ауди 3“, 17 мобилни телефони, 32 држачи за СИМ картички, 13 СИМ картички, едно пакување бела непозната материја, 6 мали полиетиленски пакувања со кокаин, 5 капсули бела боја и еден куршум.
Обвинетите што се спогодија со обвинителството се упатени на издржување на изречената казна, а за останатите истражната постапка е во тек.