Арсовски: Срамен, шверцерски и диктаторски отказ за докторот кој го обелодени срамот во здравството
Целиот срам на министерството излезе на површина како фекалија само преку отказот на овој доктор и господин кој има над 30 години стаж како специјалист и му врачија отказ на само 3 години пред пензија, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Одамна здравството го однесоа во колапс Венко Филипче и Зоран Заев. Денеска како граѓани на Република Македонија сведоци сме на најсрамниот чин на Министерството за здравство и на Владата, најсрамниот нехуман и нечовечки чин, а тоа е отказот кој му го дадоа на перфиден, шверцерски и срамен начин на специјалистот невролог доктор Мирослав Гроздановски, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
– Целиот срам на министерството излезе на површина како фекалија само преку отказот на овој доктор и господин кој има над 30 години стаж како специјалист и му врачија отказ на само 3 години пред пензија. Причината сите добро ја знаеме, смешна и срамна, почитуваниот доктор го сликаше срамниот натпис во болницата Букурешт за одделот дерматовенерологија, а каде неписмено беше напишана таблата демавенетерологија и така беше поставена. Заради ова, човек, доктор, специјалист доктор со полн работен век на 3 години пред пензија, хунтата на власт го остави без работа. Само и само затоа што му го изваде јавно на површина срамот. Имено на најперфиден и шверцерски начин додека бил на одмор го префрлиле во болницата Бит Пазар, а таму му дале отказ затоа што наводно не се појавил на работа три дена. Без да му се јави некој, без да го повика, без да разговара со него – рече Арсовски.
Ова е односот на Венко Филипче и Зоран Заев кон квалитетниот кадар, додаде тој.
– Додека секаде онаму каде што имаше сомнителни случаеви на починати родилки и такви трагични случаеви кои што јавноста многу добро ги знае и не би сакал сега да ги коментирам, нема до ден денес никаков епилог и никаква одговорност, а човек кој што го извади јавно неписменоста и срамот на министерството за здравство беше експресно избркан во рок од една недела. Ова не е изолиран случај, докторот Гроздановски е само жртва на целиот трул и пропаднат систем во државава. Срамота е ваквиот однос на државата кон своите граѓани кој што го демонстрира Зоран Заев, владата, Венко Филипче и сите надоле следствено. Венко Филипче барем на момент може да заборави на власта од која што е опијанет и веднаш да му се извини на докторот Гроздановски и ова е апел од мене кон него, и да го врати на работа. Кога веќе срамот го изедоа како влада и како министерство, најмалку што можат е човекот да го вратат на работа и достоинствено да го заврши работниот век и да отиде во пензија. Граѓаните, а најмалку докторите за кои што сите велиме дека се наши модерни херои изминативе неколку години воопшто не заслужуваат ваков однос – истакна Арсовски.