Милчин: Македонија се претвори во конфедерација на арамиски гнезда, Заев ја продолжи праксата на Груевски
Сега Заев има пред себе, би рекол, една потрошена, изманипулирана поголема група граѓани кои не сакаат одново да се најдат во ситуација да бидат изманипулирани, вели режисерот Владимир Милчин во интервју за Радио Слободна Европа.
Режисерот Владимир Милчин во интервју за Радио Слободна Европа вели дека кога би режирал претстава за сегашната состојба во Македонија, тоа би било гротеска, со одвреме-навреме смеа, но со мачен впечаток на крај.
– Ми паѓаат на ум три класични македонски литературни дела. Првото е „Крпен живот“, второто е драма „Печалбари“, а третото е „Арамиско гнездо“. Мислам дека овие три наслови од нашата класична литература одлично ја опишуваат, ја дефинираат состојбата во која ние сме доведени, со тоа што власта на коалиционата влада на Зоран Заев де факто ја продолжи праксата на претходната, на онаа на Никола Груевски – вели Милчин.
Според него, Македонија не е едно арамиско гнездо, туку е конфедерација на арамиски гнезда.
– Таа е расцепкана и во неа во една ситуација во која од социјализам требаше да се вратиме назад во капитализам за да можеме да одиме напред, ние се вративме уште чекор поназад, ние сме сега во нешто што би го нарекол капиталистички феудализам. Значи една земја, не знам дали можам да кажам држава, прашање е дали ние сме држава, која е де факто составена од не знам колку феуди во кои владеат партиските моќници рака под рака со новокомпонираните олигарси. Најлесно ми е да одговорам дека прво што ми паѓа на памет е она – „Нема правда, нема мир“. Нема правда, ама има мир денес, а требаше да има правда за да има мир. Мислам да не беше таа, како би рекол, толку голема енергија која де факто го урна Груевски, да не беше потрошена во тоа, да ја имаше денес сè уште, јас мислам дека на улиците ќе се случуваат слики кои ги гледавме во времето на Груевски. Сега Заев има пред себе, би рекол, една потрошена, изманипулирана поголема група граѓани кои не сакаат одново да се најдат во ситуација да бидат изманипулирани – вели режисерот.