ПЛАНИНАРИ Следниот викенд голема журка на Бегово Поле на 2.000 метри надморска височина ГАЛЕРИЈА

По паузата поради коронакризата, планинарите од Драчево ја продолжуваат традицијата почната во 2009 година. Најавена е добра музика и уште подобра забава под отворено небо.

1,186

По долг период тишина и неможност за забави, конечно имаме шанса да ги ослободиме мислите во ритмот на музиката. Планинарскиот клуб „Филип Чакаров“ од Драчево, по една година пауза, ја продолжува традицијата и од 25 до 27 јуни ја организира најголемата забава во земјава под отворено небо.

На 2.000 метри надморска височина, во прегратките на Солунска Глава, се наоѓа Бегово Поле, со своите прекрасни цветни и тревни пасишта. Токму на ова место ќе се случи „планинарско- журкастична“ собиранка, каде љубителите на природата и добрата музика ќе се сплотат во едно, под влијание на магијата која ја носи ова место само по себе.






Традицијата на оваа забава на отворено официјално почнува во 2009 година.

– Секоја година изненадуваме со различни бендови, а рок музиката е таа која преовладува – вели Ѓорѓи Чакаров, претседател на планинарското друштво „Филип Чакаров“.

Престојот е во планинарскиот дом „Караџица“, кој се наоѓа на падините на планината Мумџица, составен дел од планинскиот масив Јакупица, на 1.450 метри надморска височина.  Домот има капацитет од 60 легла, а за љубителите на кампувањето има соодветен простор во дворот на домот, за поставување на шатори за стотина планинари.

Целта на забавата е планинарите да ги запознаат овие прекрасни предели во срцето на нашата татковина, но и објектите кои се оставени на милост и немилост.

Објектот на фотографијава е планинарскиот дом „Исак Русо“ на Бегово Поле, за кој негрижата и времето го имаат направено непожелното во планинарството. Оваа фотографија говори за тоа колку посетители имало овде во 2016 година. „Голема желба на планинарското друштво и на покровителот ИН Брокер е овој планинарски дом да добие повторно живот, а се надеваме дека сите ние со оваа забава, ќе успееме да допреме до оние кои можат да помогнат“, велат драчевските планинари.

 

Повеќе информации за настанот на следниот ЛИНК

 

(Автор на оваа содржина е Сара Митрички, учесник во обуката за млади новинари на редакцијата на Плусинфо)

Поврзани содржини