Рациново признание за романот „Теорија за кучешка година“ на Милован Стефановски

Жирито во состав Христо Петрески (претседател) и членовите Стефан Марковски и Делвина Крлуку, од пристигнатите на конкурсот избрале девет дела, од кои едногласно одлучиле престижната награда да му се додели на Милован Стефановски.

340

Наградата Рациново признание за 2021 година е доделена на писателот Милован Стефановски за романот „Теорија за кучешка година“. Наградата ќе му биде врачена во рамки на претстојните 58 Рацинови средби кои ќе се одржат од петок до недела во Велес. Добитникот е избран во најсилна конкуренција досега меѓу 27 прозни дела од 26 автори издадени меѓу две Рацинови средби.

Жирито во состав Христо Петрески (претседател) и членовите Стефан Марковски и Делвина Крлуку, од пристигнатите на конкурсот избрале девет дела, од кои едногласно одлучиле престижната награда да му се додели на Милован Стефановски.






Како што информира на денешната прес-конференција претседателот на жирито Петрески, новиот роман „Теорија за кучешка година“ е шести по ред роман на авторот во кој се определува за исповедна наративна стратегија. Романот е компониран според драмски урнек и поседува проложен, исповеден и завршен дел. Во овој невообичаен по многу нешта роман е сместен еден човечки живот преку врамување на спомените од заедничките и личните судбински нешта.

– Во својот најнов краток роман писателот Милован Стефановски одбира преку своевидно монолошко обраќање на син кон татко на индиректен начин на читателот да му ја пренесе целата приказна без притоа да се приведе ниту едно лично име, ниту конкретна локација или топоним, ниту пак временска одредница за тоа кога се случува дејството. Веруваме и се надеваме дека овој роман ќе заземе соодветно место во македонската романескна продукција со својата оригиналност, специфичност и полифоничност – потенцира Петрески.

Добитникот, 69-годишниот Милован Стефановски потенцира дека му претставува голема чест добивањето на ова значајно Рациново признание од повеќе причини, а најголемата и најважната е што токму признанието што се доделува на оваа манифестација го носи името на големиот Рацин.

– Коста Апостолов Солев Рацин за припадниците на мојата генерација, a роден сум 1952 година, претставуваше еден вид книжевна икона која искрено и со голема почит ја примавме особено вљубениците во пишаниот збор – рече Стефановски.

Тој додаде дека по двата родитела потекнува од Кичево, а во околината на Кичево е и Лопушник каде што е местото на погибјето на Рацин што влијаело за негов посебен однос кон големиот поет.

Во неговата прва поетска книга „Ѕид пред бескрајот“ од 1978 година со којашто дебитирал во македонската книжевност, поместена е и една песна со наслов „Лопушник“ посветена на Кочо Рацин.

Со оваа прва поетска книга на само 26 години Стефановски го понел и големото признание наградата „Брака Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата.

– Со најновото мое книжевно дело речиси со рамносилна возбуда на тогашната ја примив веста дека токму „Теорија за кучешката година“ е добитник на значајното Рациново признание – потенцира Стефановски.

Поврзани содржини