Телеком му плаќа на Китанов половина од надоместокот што го добиваше Буши

Зоран Китанов како актуелен претседател на Одборот на директори на Македонски телеком зема 145.000 денари надоместок, а неговиот претходник Назим Буши земаше надоместок од 310.000 денари.

8,969

Надоместоците на членови на Одборот на директори предложени од Владата во Македонски телеком избрани на 15 декември лани се движат од 33.000 до 145.000 денари нето, објави компанијата на Македонска берза.

Според извештајот за работа на компанијата во 2020 година, на Зоран Китанов, кој е неизвршен член и претседател на Одборот на директори од 15 декември лани му се исплаќа месечен надоместок во износ од 145.000 денари од Македонски телеком. Инаку, тој пријавил дека е редовно вработен во „КИЕМ дооел Скопје“ од каде што зема плата од 33.000 денари.






Надоместокот на Садула Дураки, кој е заменик претседател на Одборот на директори, изнесува 47.000 денари. Тој инаку е пријавен како невработен.

Нина Ангеловска од Телеком зема надоместок од 33.000 денари нето. Таа пријавила дека е вработена во Асоцијацијата за е-трговија на Македонија каде што зема плата од 42.000 денари и бонус од 12.300 денари.

Надоместокот кој за членство во Одборот на директори на Телеком му се исплаќа на Бардул Насуфи изнесува 33.000 денари. Тој нема пријавено вработување.

Шкодране Дарлишта исто така зема надоместок за членство во Одборот од 33.000 денари, но таа приавила дека работи во Завод и ургентен центар Скопје од каде што зема плата од 39.000 денари.

Ист износ на надоместок за членство во Одборот на Директори на Телеком зема и Аќиф Медиу, но тој не пријавил никаково друго вработување.

За разлика од новите членови на Одборот на директори на Македонски телеком предложени од Владата, старите членови чиј мандат заврши на 15 декември лани земале далеку повисоки надоместоци.

Назим Буши кој беше неизвршен член и претседател на Одборот на директори добивал месечен надоместок од 310.000 денари, Сашо Велески како заменик-претседател на Одборот на директори 93.000 денари месечно, Сашо Симјановски 62.000 денари, Мирослав Вујиќ 62.000 денари колку што добивала и Дивна Јовковска – Ефтимоска и Замир Мехмед.

Буши пријавил и плата од Општина Чаир каде што работел до август лани во износ од 22.000 денари и Министерство за внатрешни работи каде што работи од август лани со плата од 70.000 денари. Покрај него, вработување и плата пријавиле и Сашо Велески кој е вработен Микрон Прилеп со плата од 31.000 денари, Сашо Симјановски кој земал плата од 57.000 денари во ТТК Банка, како и адвокатот Мирослав Вујиќ кој имал месечни примања за плата од 30.000 денари.

За членовите на Одборот на директори од странство или се вработени во Телеком, според законот, не се објавени надоместоците и платите.

Поврзани содржини