ВМРО-ДПМНЕ: Македонија е без почеток на преговори, политиката на Заев доживеа дебакл
Заев ветуваше почеток на преговори со ЕУ, две години тие само што не почнале, а лажеше дека и поглавја се отвораат, соопшти опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија е без почеток на преговорите со ЕУ. Политиката на Заев доживеа дебакл, откако стави сè на маса и урна позиции, глуми патриот, реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
„Заев ветуваше почеток на преговори со ЕУ, две години тие само што не почнале, а лажеше дека и поглавја се отвораат. Политиката на Заев е една огромна лага и погазување на државата. Заев го погази идентитетот. Тој тврдеше дека македонскиот и бугарскиот народ се едно исто, дека имаат заедничка историја и дека македонската историја почнува по 1945 година. Заев стави сè на маса, и откако и тоа не беше доволно, и повторно доби ладен туш, сега сака да глуми патриот. Сè што можеше да се осквернави, Заев осквернави. Сакаше и тргуваше со јазикот, идентитетот и историјата. Позициите на Македонија се темелно нарушени, и за тоа е виновен лично Заев. Понижувањето на државата е плод на политиката на свиткана кичма на Зоран Заев. Попусти се сега сите обиди да се вади од калта. Наместо тоа потребна е оставка веднаш. Сите политики на Заев се поразени“, се вели во соопштението.