Пристигнаа првите вакцини, Филипче најави нова тура во април
Министерот за здравство, Венко Филипче, кој утрово ги пречека вакцините, рече дека има најава оти ќе дојдат и други вакцини до крајот на месецов.
Првата пратка со вакцини „АстраЗенека“ за државава преку Ковакс механизмот пристигна изутринава пред осум часот на Меѓународниот аеродром Скопје.
Со 24.000 вакцини „АстраЗенека“ се очекува в среда да почне масовната имунизација на населението во државава. Со нив ќе бидат опфатени лицата над 75 години.
Министерот за здравство, Венко Филипче, кој утрово ги пречека вакцините, рече дека има најава оти ќе дојдат и други вакцини до крајот на месецов.
– Сакам да се заблагадорам на САД, Германија, Франција, на претставниците на УНИЦЕФ со кои го организиравме преносот, транспортот на овие вакцини. Станува збор за 24.000 дози од „АстраЗенека“. Сега ние сме целосно посветени на системот на имунизација да се спроведе брзо и ефикасно. Имаме најава дека ќе дојдат и други вакцини во април. Ова доаѓа со недели задоцнување, но имајќи предвид дека сите земји се соочени со овој предизвик, добро е што системот покажа дека функционира, и добро е што имаме сигнали дека ќе продолжи да функционира на овој начин и ќе имаме информација кога ќе пристигнат вакцините и да продолжи овој континуитет – истакна министерот за здравство.
Како што посочи тој, со овие вакцини први ќе се вакцинираат 20.000 лица над 75 години со хронични болести и согласно местото на живеење ќе биде направена дистрибуција на вакцините во вакциналните пунктови во здравстевните домови.
– Вакцината ќе се чува најпрвин во нашите фрижидери во Скопје, кога ќе се спроведе дистрибуцијата ќе биде во фрижидерите кои веќе постојат во вакциналните пункотови во здравствените домови поради тоа што оваа вакцина што се чува на температура од 2 до 8 степени, што значи буквално секој град може да се чува и да се дава понатаму – изјави Филипче.