Дали кај нов Субрата Рој ќе слугуваат земјоделците?
Земјоделските здруженија велат дека не е дојдено време да се продава земјоделско земјиште ниту на домашни, ниту на странски инвеститори.
Министерството за земјоделство веќе работи на законското покритие на идејата за продажба на државното земјоделско земјиште, а земјоделците и јавноста во очекување да видат колку овој текст на законот ќе биде поразличен од она што е предвидено во 2013 година, реагираат дека во подготовката треба да се вклучат и земјоделците и научната јавност поврзана со овој сектор. Иако и во постојното законско решение постои можност земјата да се продава и на странци, сепак реакциите се дали е ова исправно со оглед дека повеќето држави почетокот на продажба на земјоделско земјиште го одлагаат.
Од Владата велат дека законското решение кое ќе биде изработено пред да се достави во владина постапка, ќе биде предмет на транспарентна и широка расправа и дискусија на која ќе бидат поканети да учествуваат сите заинтересирани невладини и владини организации.
Прашањето се актуелизира откако лани во една изјава премиерот Зоран Заев најави дека владата има намера да овозможи продажба на земјоделско земјиште на домашни и странски фирми и приватни лица но само доколку новите сопственици инвестираат во земјоделски гранки, без можност за пренамена на земјиштето.
Продажбата на државното земјоделско земјиште, како што најави тогаш Заев ќе почне во втората половина на 2021 година, а ќе може да се купи површина и над 10 хектари. На продажба ќе биде дадено до 20 отсто од државното земјоделско земјиште. При тоа се очекува државата да заработи 2,5 милијарди евра.
– Земјоделското земјиште нема да смее да се пренаменува во градежно земјиште, туку ќе мора да се користи за земјоделско производство. Доколку некој го купи и не го стави во функција тогаш ќе плаќа три пати поголем данок на имот – рече тогаш Заев.
Заев најави и инвеститор од Катар кој бил заинтересиран да купи земјоделско земјиште во земјава.
Од Владата за Плусинфо изјавија дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со поддршка на Организацијата за земјоделство и храна на Обединетите нации (ФАО) е во фаза на изготвување нов Закон за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост.
– Во него ќе бидат разработени сите постапки во кои ќе може едно домашно физичко и правно лице да се стекне со право на сопственост на земјоделско земјиште во државна сопственост со површина под и над 10 хектари – велат оттаму.
Во однос на странските лица, според владата, се предвидуваат построги критериуми.
– За странските правни и физички лица ќе се предвидат строги ограничувања кои ќе овозможат целосна заштита на државниот интерес во однос на сопственоста на земјоделското земјиште користејќи ги при тоа решенијата и искуствата на останатите европски држави – смируваат од Владата.
Законот ќе има за цел да влијае многу позитивно врз развојот на земјоделскиот сектор и во никој случај нема да се одрази негативно на домашното земјоделско производство.
Тоа, како што тврдат од владата, ќе се гарантира со пропратните документи на законот во постапките за усвојување пред Владата и Собранието. Овие документи, велат оттаму, ќе бидат достапни и до сите заинтересирани лица преку алатките за транспарентност.
По најавата дека ќе се продава земјодлеско земјиште и на странски компании и поединци, од земјоделските здруженија велат дека тие треба да бидат вклучени во процесот бидејќи можеби нивните идеи ќе бидат полезни за државата, но додаваат дека е рано државата да почне да продава земјоделско земјиште, зашто не се создадени услови за тоа.
Ристо Велков од Синдикатот на земјоделци вели дека државата треба да им даде предност и поволности на домашните компании и земјоделци при продажбата за земјиштето, бидејќи ако има јавно наддавање, домашните компании и земјоделци нема да можат да се натпреваруваат со странскиот капитал.
– Грешка ќе биде ако има заинтересирани македонски комапнии и земјоделци да купат земјиште, тоа да им се даде на странци, зашто со тоа не само што се оттуѓува земјиштето, туку ќе се запусти земјоделското производство кое како што течат годините останува без млади земјоделци – вели Велков.
Тој смета дека за странските државјани доколку се одлучи владата да им продава земјиште треба да има посебни критериуми.
– Не е добро земјиштето да се продава на странци, но ако се продава тогаш треба да има строги критериуми за странецот што ќе го купи. Прво треба да докаже дека добро го познава поднебјето, што ќе произведува и на каков начин, дали ќе биде нелојална конкуренција за домашните производители и слично. Треба да се обезбеди домашното производство да не се уништи во целата постапка – вели Велков.
Петре Стојкоски од Асоцијацијата на земјоделски здруженија смета дека во земјава не е дојдено време за никаква продажба на земјиштето.
– Не одобрувам една ваква постапка. Нашите земјоделци сѐ уште во голем број конкурираат за закуп на земјоделски површини што говори дека тие не можат да купат земјиште бидејќи не им остануваат пари за тоа. Откупната политика за земјоделските производи која е нестабилна не им овозможува да планираат дека ако земат кредит за да купат земја ќе можат и да го отплаќаат. Според тоа, на објава за наддавање за продажба на земјоделско земјиште ќе се јавуваат само странци, па можеби и од калибарот на Индиецот Субрата Рој, а домашниот земјоделец во сопствената земја и на сопствената почва ќе слугува кај странец – вели Стојкоски.
Реакции за најавената продажба на земјоделско земјиште има и на социјалните мрежи.
„Во многу држави е забранета продажбата на државно земјоделско земјиште бидејќи се смета како природен ресурс со потенцијал за поголемо производство на храна. Јавното добро не е ничие туку сечие и мое и твое. Кога ќе стане приватно ќе биде доцна да се бара соодветно користење и ограничувања и почитување на јавниот интерес“, напиша Мирјана Најческа.
„Зошто ова земјоделско земјиште не биде поделено на жителите во селата, кои што ќе се здружат во земјоделски задруги и да им бидат одобрени поволни кредити кои што ќе ги гарантира државата?“ прашуваат граѓани на социјалните мрежи.
Според македонската законска регулатива до 2013 година продажбата на земјоделското земјиште беше забранета а можеше да се дава под закуп. Поттикната од европската регулатива и под притисок на желбата да се донесат странски инвеститори и во овој сектор земјава во 2013 година прашањето го регулира со Закон за продажба на земјоделско земјиште во кој се овозможува продажба на домашни и на странски државјани и компании но со обврска странската компанија да е правно поврзана со домашна со удел не поголем од 49 отсто. Оваа одредба подоцна со измени на законот беше отстранета.
Во членот 3 од овој закон по измените стои: „Сопственост на земјоделско земјиште во државна сопственост не може да стекнат странски физички и правни лица, освен ако со меѓународен договор поинаку не е одредено. Сопственост на земјоделско земјиште во државна сопственост може да стекнат државјани на земји членки на Европската унија по истек на седум години од влезот на Република Македонија во Европската унија“.
За потсетување во 2013 година се случи и најавата на големата инвестиција во земјоделството на Индиецот Субрата Рој во агрокомбинатот „Џумајлија“ во Овче Поле која заврши со фијаско, а имаше и слични странски инвеститори кои сакаа да се занимаваат со земјоделие во земјава.
Во земјите членки на ЕУ или не е дозволена продажба на земјоделско земјиште или е тешко да се исполнат законските услови за тоа. Новите членки на Унијата, најчесто се обврзуваат да го вметнат правото за купување земјоделско земјиште од страна на странци кои потекнуваат од земји од Унијата за 6 или 7 години, а потоа се обидуваат на секој начин да го продолжат рокот на подолго. Така беше и со Хрватска која рокот за примена на ова законско решение го продолжи за три години.
Од регионот само Србија, која исто како и замјава претендира да стане членка на европското семејство, овозможи продажба на земјоделско земјиште на странци.
Какво решение се подготвува во Министерството за земјоделство ќе се види кога ќе се даде текстот на јавна расправа.