Приказна на сестра Анета од ковид центар: Најважно е да влееш сигурност и мир во себе, да допреш до умот и душата на пациентите
Сестра Анета Пешевска од ГОМ „8 Септември“ апелира човештвото да остане силно, зашто најсилно е кога е заедно.
Најпрво е важно да се остане чист, а со тоа и здрав, да си влееш чувство на сигурност и мир првенствено кај себе, но и кај пациентите, да допреш до нивниот ум и душа, да успееш да го оствариш невозможното, да не се откажеш дури и тогаш кога си сигурен дека не можеш, вели сестра Анета Пешевска, која работи во најголемиот ковид центар во земјава ГОБ „8 Септември“.
За неа работниот ден, како што вели, започнува со мисла дека е воин и нејзината борба започнува и трае се до моментот на завршување на смената, но само физички, бидејќи во мислите работниот ден никогаш не завршува туку продолжува дури и во денот предвиден за одмор.
– Денот во ковид центарот ни започнува со сестрински рапорт, односно превземање на смена, по која следи облекување на заштитна облека, подготовка на терапија, визита, земање на лабораториски анализи, поделба на инсулинска терпија, делење на таблетарна и ампуларна терапија, следење на гликемиски вредости, следење на состојбата на пациентите, разговарање со нив, спроведување на промени во терапија, следење на витални параметри ТА, телесна температура, а особено се внимава на сатурацијата, и тоа повеќе пати во текот на дежурството заради непредвидливите промени кај пациентите и останати обврски кои произлегуваат во зависност од состојбата на пациентите – вели Пешевска.
Како и кај многумина Анета вели дека стравот е постојано присутен и се обидува да го игнорира додека е на работно место и да го совлада сама, без да го почувствуваат тоа и нејзините најблиски.
– Тој се појавува и на крајот од дежурството кога ја симнувам униформата и додека се подготвувам за дома, кога се враќам дома, додека дезинфицирам се, додека сум дома и продолжува се до наредниот работен ден кога повторно го игнорирам. Стравот е постојано присутен, но во домот нема негови сенки зашто го давам максимумот од себе да се однесувам нормално и никој од семејството да не го почувствува. Голем дел од времето го посветувам на моето хоби. Тогаш се борам со него, но само јас, тивко и незабележано- вели Пешевска.
Таа е сопруга и мајка и се обидува во секој момент поминат со семејството да функционира како и да не постои пандемијата.
Анета порачува човештвото да остане силно.
– Сите ние сме многу силни, а најсилни сме кога сме заедно. Ние сме борци, и во оваа војна ќе излеземе како победници како ние, медицинските лица, така и пациентите – вели таа.
Приказната е направена во рамки на кампањата „Да ги поддржиме медицинските сестри кои се вклучени во борбата против пандемијата“ на Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри