Веќе нема мораториум во Центар, ќе воскресне ли „Скопје 2014“?
Саша Богдановиќ, градоначалникот на Општина Центар лани, кога Уставниот суд донесе времена мерка за укинување на мораториумот, рече дека имаат и други начини како да се спречи непланското градење додека не се променат сите планови.
Уставниот суд вчера ја укина одлуката за забрана за градење на територијата на Општина Центар, со која претходно беше замрзнато спроведувањето на Деталните урбанистички планови.
„Уставниот суд ја укина Одлуката за начинот на применување на деталните урбанистички планови донесена од Советот на Општина Центар на 27 март 2019 година и го стави вон сила Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на актот, означен во точката 1 од оваа одлука“, е наведено во соопштението на Уставен суд.
Саша Богдановиќ, градоначалникот на Општина Центар лани, кога Уставниот суд донесе времена мерка за укинување на мораториумот, рече дека имаат и други начини како да се спречи непланското градење додека не се променат сите планови.
Одлуката за мораториум на градежните активности на територијата на Општина Центар ја донесе Советот на 27 декември 2017, кога беше запрена реализацијата на 31 Детален план.
– Во однос на ова прашање Уставен суд донесе своја одлука во врска со мораториумот што е укинат како одлука на Општина Центар. Постоечкиот Закон за урбанистичко планирање нуди одредени можности. Ние разговараме со Општина Центар, тие ги бараат одговорите на овие прашања од нас, но најважно од сѐ е дека доколку имаат одредена потреба на одредени урбанистички планови што ја загрозуваат животната средина, растот на општината итн., тие треба да поднесат елаборат со којшто ќе гарантираат дека има одредени нарушувања на урбаното живеење, планирање, итн., и потоа да се разгледува во Министерството за транспорт и врски – рече денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, одговарајќи на новинарско прашање.
Тој потсети дека се во сила ДУП-овите кои се донесени и изгласани од Советот на општината.
– Општина Центар како матична општина може да разработува свои планови и стратегии како ќе работи понатаму. Важно е растот и развојот на општините да продолжи и да продолжи комуникацијата согласно сите можности и процедури што ги нуди Законот за урбанистичко и просторно планирање – додаде Бочварски.