Шилегов не ја услиша Петрушевска, а Крсте Црвенковски ќе добие улица, но засега нема локација

Сопругата на Стево Црвенковски, Калиопа Петрушевска, побара една скопска улица да го носи името на нејзиниот свекор Крсте Црвенковски, за што од Град Скопје велат дека ќе има, но дека сè уште не е зададена локацијата.

2,214

Град Скопје не ги отстрани имињата на Стево Црвенковски и Михаил Петрушевски од листата на улиците и покрај јавното барање на Калиопа Петрушевска, имињата на нејзиниот сопруг Стево и на нејзиниот татко Михаил тие да се избришат од предлозите за нови имиња на улици во Скопје и наместо нив да се вметне името на Крсте Црвенковски. На усвоената листа од страна на Советот на Градот овие две имиња и натаму стојат.

Петрушевска во отвореното писмо побара една скопска улица да го носи името на нејзиниот свекор Крсте Црвенковски, за што од Град Скопје велат дека ќе има, но дека сè уште не е зададена локацијата.






– Имињата Михаил Петрушевски и Стево Црвенковски не се избришани од предлог Листата која вчера беше усвоена од страна на Советот на Град Скопје. Град Скопје не може да си дозволи лицитација со нивните имиња, ниту пак може да ги анкетира сите нивни роднини дали се согласни за именувањето. За ниту едно од имињата не се консултирани роднините, ниту пак е барана дозвола од нивна страна. Улица Крсте Црвенковски ќе има, сè уште не е зададена локацијата, тој дел од процесот ќе биде започнат откако Владата ќе го одобри овој список на имиња – рекоа од Град Скопје за Плусинфо.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, најави дека Регистарот за имињата на улиците денеска ќе биде доставен на одобрување во Владата.

– Согласно законските одредби, Регистарот се доставува на одобрување до Владата и мислам дека во текот на денов тоа ќе биде завршено. Откако Владата ќе го одобри тој Регистар со соодветна одлука, ќе продолжиме понатаму со процесот, чекор по чекор – рече Шилегов.

Според Петрушевска, за да влезе нечие име во ваков документ, потребно е доволно долга временска дистанца од завршувањето на неговиот живот и дејствување и, историска објективност и непристрасност.

„Причините за моето барање се рационални: за да влезе нечие име во ваков документ, по мое скромно мислење, постојат најмалку два неспорни критериума: доволно долга временска дистанца откако завршиле неговиот/нејзиниот живот и дејствување и, логички поврзано со претходното, историска објективност и непристрасност“, напиша Петрушевска во своето отворено писмо до Град Скопје и до градоначалникот Шилегов.

Поврзани содржини