Стоилковски: Пропустите при градба на Заевиот „Глобал“ доведоа до пожар, кој ќе понесе одговорност?
Ако законски сите правни субјекти се должни еднаш годишно да ги баждарат, да ги проверуваат Противпожарните апарати, како е возможно и кој треба да ја понесе одговорноста за тоа што во објектот се вградени несоодветни хидранти, дали и кога тие се проверени, праша Стоилковски.
Несреќата со пожарот во центарот на Струмица не може да помине само со искажани зборови за жалење, туку мора да се понесе одговорност. Пожарот во „Глобал“ отвора прашања поврзани и со неговата градба и со актуелното стопанисување, а одговорите водат кон тоа дали станува збор за корупција или за несовесно работење, изјави денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски на прес конференција.
– Прво, како е возможно објект со кој што стопанисува ЈП Комуналец Струмица, да нема исправни хидранти, односно дали е точно и дали е возможно тие да се несоодветни и да се нестандардни за употреба при пожар? Второ, ако законски сите правни субјекти се должни еднаш годишно да ги баждарат, да ги проверуваат Противпожарните апарати, како е возможно и кој треба да ја понесе одговорноста за тоа што во објектот се вградени несоодветни хидранти, дали и кога тие се проверени? Трето, кој ќе понесе одговорност бидејќи ваков пожар можело да се случи во работен ден, при полн јавен објект, трговски центар и да има и човечки жртви, само затоа што ПП систем не функционира, односно е некомпатибилен со пожарникарските црева? – праша Стоилковски.
Тој посочи дека трговскиот центар е легализирана дивоградба и праша како е граден објектот.
– Кој одобрил и врз која проектна документација е одобрена градбата на градското пазариште, која што за тоа мора да има документација за сите фази – од статика, машинство, до ПП заштита? Кој вршел надзор на градбата и дали има пропусти при надзорот поврзани со безбедноста при пожар во објектот? Кој издал одобрение за употреба на објектот „реконструкција и надградба на градското пазариште“? Односно, дали е свесно или несовесно работење, односно изграден и предаден во употреба јавен објект кој што е небезбеден во случај на пожар? – праша тој.
Стоилковски го повика премиерот Зоран Заев, за кого потсети дека направил договор за градба од 2006 година со негов бизнис партнер.
– За потсетување, ТЦ „Глобал“ е најголемата легализирана дивоградба во Македонија, градена како Јавно-приватно партнерство меѓу Заев градоначалникот и партнер на Заев бизнисменот. За случајот „Глобал“ во 2008 година беше покренато обвинение за Зоран Заев и петмина негови соработници, од главниот архитект, преку изведувачот, до надзорот на градбата на објектот, за криминал тежок осум милиони евра, што остана нерешен по аболицијата со печат на претседателот на државата. Објектот е завршен и отворен во 2008 година, а е легализиран во 2014 година со потпис на Заев, со законот за легализација на дивоградби. При легализација на дивоградби, не се бара проектна документација, што подразбира проекти за статика или за ПП мрежа, туку само геодетски елаборат и платени сметки за струја и за вода – рече Стоилковски и нагласи дека ги знаат одговорите на сите овие прашања ги знаеме и во следниот период ќе ги објават, но ќе ѝ дадат прво време на власта да одговори.