Ристески: Откупот на тутунот е во хаос, Владата итно да интервенира и да го стабилизира пазарот
Претеничката група на ВМРО-ДПМНЕ бара и Собранието на итна седница да расправа за состојбата со откупот на тутунот.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска поднесе Информација до Собранието за состојбата со откупот на тутунот и нуди решенија за излез од состојбата. Пратениците бараат итна седница на Владата на која ќе ги прифати понудените пет решенијата, а Собранието исто така итно да расправа за состојбата со откупот на тутунот.
– Состојбата со откупот на тутунот во моментов е крајно драматична и срамна. Откупот е во хаос, а тутунарите се принудени да го даваат својот тутун за рекордно најниската откупна цена по 2005тата година. Повторувам, откупната цена во моментов буквално е најниската цена за откуп на тутун во последните 15 години. Срамно, жално и безобразно. Исто така, наместо навремен и регулиран пазар, постои безредие, наместо добар почеток на предоткупот се соочуваме со слаба динамика во преземањето на производството. Наместо достоинствена откупна цена имаме неприфатливо ниска просечна откупна цена со што и понатаму се потценува трудот на тутунарите и се гази врз нивното достоинство -изјави на прес-конференција пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Петар Ристески.
Според него, дополнителен проблем е тоа што илјадници семејства и тутунари кои живеат од ова производство, немаат каде да го продадат својот тутун затоа што има над 3 илјади тони тутун за кој немаат склучено договори како резултат на неорганизираноста на власта.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ бара:
1. Зголемување на субвенцијата за тутун за 100%, односно од сегашните 60, 70 и 80 денари за килограм откупен тутун субвенцијата да биде 120 денари за трета и четврта класа, 140 за втора и 160 денари за прва класа, со што ќе се надомести разликата во цената. Пари за оваа мерка има доволно доколку се скрати во Буџетот од непродуктивните трошења и луксузи.
2. Државата, односно Владата да интервенира со обезбедување на дополнителни финансиски средства потребни за откуп на произведената количина тутун, останат без Договори, да ги насочи кон Тутунскиот Комбинат-Прилеп, кој ќе биде задолжен да го реализира откупот на недоговореното производство на ориентален тутун, до последен лист.
3. Во итна постапка да се изврши Измена на Законот за тутун и тутунски производи, со која ќе се врати старото законско решение, односно ќе се забрани увоз на тутун за домашните преработувачки капацитети, со единствена цел да се преработува ориентален тутун од домашно производство.
4. Ревидирање на мострите на ориентален тутун, во соработка со овластени и стручни претставници на тутнопроизводителите, откупувачите и МЗШВ, со што би се олеснила линијата на провенка на квалитетот на произведениот тутун и би се зголемила висината на просечната откупна цена.
5. Инспекторите од Државниот земјоделски инспекторат секојдневно да бидат распоредени на откупните места за да го контролираат процесот и текот на откупот, заедно со поверениците кои се поставени во заштита на интересите на тутунопроизводителите.
Ристески потсети дека согласно Законот за земјоделство и рурален развој, Владата има обврска во случај на пореметување на пазарните односи и разлика во висина на откупната и производната цена, директно да интервенира во стабилизирање на пазарот.
-Доколку Владата предводена од Зоран Заев и СДСМ има искрена намера и сака да помогне на тутунарите да си ги добијат заслужените пари и конечно нивната мака и труд еднаш засекогаш да престанат да бидат погазувани и потценувани, таа мора веднаш и сега, без никакво одлагање, да ги усвои овие предлог мерки. Во спротивно тие уште еднаш ќе покажат и докажат дека се влада само на одреден привилегиран круг на бизнисмени и лица блиски до власта, која работи на штета и против интересите на тутунарите и на сите граѓани на Република Македонија во целост – рече тој.