Нехамер: Терористот Фејзулаи планирал напади на цркви, по примерот на Нотр Дам во Ница

Тој исто така најави зголемен безбедносен надзор на божиќните пазари, кои ќе ги штитат специјалните полициски единици - „Кобра“.

246

Австрискиот министер за внатрешни работи Карл Нехамер пред австриската јавност на денешната прес-конференција изјави дека исламскиот терорист Кујтим Фејзулаи, кој уби 2 лица и рани повеќе од 20 лица во терористичкиот напад во центарот на Виена на 2 ноември, планира да нападне и цркви.

Нехамер изјави дека досегашната истрага покажала дека терористот, пред да биде убиен од полицијата, имал намера да бара жртви и во црквите, а не само на улиците. Како што беше кажано на прес-конференцијата, примерот за виенскиот терорист, Македонец со албанско потекло роден во Виена, очигледно бил терористички напад врз катедралата Нотр Дам во Ница, Франција, кон крајот на октомври, во која беа убиени три лица, а една жена беше обезглавена.






Министерот истакна дека поради гореспоменатите наоди од истрагата спроведена од страна на Австрискиот сојузен завод за заштита на уставниот поредок и борбата против тероризмот во соработка со судството, надзорот над сите цркви и други верски објекти во Австрија е веднаш зголемен. Тој исто така најави зголемен безбедносен надзор на божиќните пазари, кои ќе ги штитат специјалните полициски единици – „Кобра“.

– Празниците се пред нас, и времето после тоа е важно. Фазата на опасност по терористичкиот напад сè уште не е помината. Ние сме во многу незгодна и чувствителна фаза – објасни Нехамер.

Тој додаде дека терористичкиот напад може да им послужи на другите како пример кои би сакале да го имитираат виенскиот напаѓач. Нехмаер исто така најави засилена патрола на специјалните сили за брза акција „Кобра“ во австриските градови со цел да се спречат терористички напади.

– Овие сили мора да дадат брз одговор во исклучувањето на можен напаѓач, односно да им дадат на граѓаните дополнително чувство на безбедност – истакна австрискиот министер.

– Важно е дека ние, како општество, заедно се бориме против тероризмот. Поради тероризам, сигурно нема да се откажеме од нашите слободи – рече Нехамер, повикувајќи ги австриските граѓани на соработка, така што во случај да видат или слушнат нешто сомнително, веднаш да го пријават во полиција.

Во врска со зголемениот надзор над верските објекти, генералниот директор за Јавна безбедност на Австрија, Франц Руф рече дека засилениот надзор ќе започне веднаш – и јавно и тајно.

Поврзани содржини