Никој не ги брои болните кои имале симптоми ама оздравеле пред да се тестираат за ковид-19
Матичните лекари потврдуваат дека има голем број пациенти кои развиле симптоми на ковид-19, се лекувале, но не стасале да се тестираат поради тоа што немало термини или термините им биле закажани дури откако оздравеле. Опасноста од распространување на вирусот е што овие пациенти не добиваат решенија за изолација, непречено излегуваат од дома и при тоа директно или индиректно ја изложуваат околината на заразата.
Колкав е бројот на граѓани кои се заразиле со ковид-19, се излекувале, а не биле тестирани и поради тоа не се евидентирани во официјалната статистика на заболени со новиот коронавирус во Македонија? Колкава е бројката на „сивите“ случаи на заболени и како тие придонесуваат за растот на бројот на заболени?
На овие прашања во моментов никој нема прецизен одговор, но лекарите потврдуваат дека има голем број пациенти кои развиле симптоми на ковид-19, се лекувале, но не стасале да се тестираат поради тоа што немало термини или термините им биле закажани дури откако оздравеле. Опасноста од распространување на вирусот е што овие пациенти не добиваат решенија за изолација, непречено излегуваат од дома и при тоа директно или индиректно ја изложуваат околината на заразата.
Но, дали матичните лекари воопшто водат евиденција за граѓаните кои имале симптоми а кои немаат потврден позитивен тест на коронавирусот?
– Бројката е голема, точна евиденција немаме, но има многу такви пациенти. Не секој има пари да оди во Скопје да се тестира. Самата бројка на зголемен број издадени антибиотици е доказ. Ние матичните се трудиме да покриеме сѐ што може да се лекува на примарно ниво, даваме ампуларна терапија, сѐ што треба. Гледаме да не се блокираат болниците и најголемиот број се лекувани од нас на примарно ниво – вели за Плусинфо претседателката на Здружението на приватни матични лекари Лилија Чолакова Дервишова.
Таа проценува дека бројката на нетестирани заболени случаи е поголема во градовите од внатрешноста на земјава.
– Има такви многу, бидејќи во внатрешноста не пуштија доволен број термини за тестирање. Не работат попладне – додава таа.
И кумановскиот матичен лекар Бранислав Ивановски го потврдува ова.
– Има многу такви случаи. Додека стаса до тест ќе оздрави – вели тој и додава дека ваквите случаи не ги евидентираат во дневникот на ординацијата.
Доколку им се влоши состојбата на овие пациенти кои немаат потврден позитивен тест на ковид-19, само врз основа на клиничката слика ги третираат и опслужуваат во болнички услови.
Матичните лекари немаат протокол за лекување на пациенти со ковид-19
Не постои протокол или правилник кој ги одредува обврските во смисла на прегледи, снимки, крвна слика, на матичниот лекар кон ковид-позитивен пациент.
– Никој до сега не ни дал некакви протоколи. Сите лекуваме според состојбата на пациентот, врз основа на крвна анализа, рендген наод и нормално физички преглед на пациентот. Секој пациент е посебен случај – вели Чолакова Дервишова.
Таа нагласува дека е потребно да се направат ковид-амбуланти за полесно да се следат овие пациенти и тие да се издвојат од пациентите со други потреби кои се јавуваат кај матичниот лекар.
– Државата прво требаше да обезбеди брзи тестови во секој град, посебни ковид-амбуланти каде немаше да се мешаат здрави со болни пациенти. За да барате протоколи од некого системот треба да е спремен. Баравме една лабораторија во градот да е само за ковид пациенти за земање крв, баравме термин за снимање на рентген на бели дробови само за ковид пациенти кои ние ги лекуваме во домашни услови. Тоа требаше во секој град да си го организираат кризните штабови до сега. Бидејќи не го направија, јас им дадов задача на координаторите по градови секој посебно да се организира според условите – вели Чолакова Дервишова.
Во Гевгелија, на пример, нема инфектолози и целата работа е потпомогната од интернисти. И кумановските матични лекари исто така бараат да се отворат ковид-лаборатории.
И додека матичните лекари го носат целиот товар во лекувањето на болните и се филтер пред болничкото згрижување, од Министерството за здравство на прашањето за постоењето на протоколи за лекување на ковид-19 одговорија:
„Протоколите за третман се со медицнска терминологија и ги даваат насоките за лекување на ковид позитивни и суспектни пациенти и во исто време ги утврдуваат параметрите според кои болниот треба да се лекува дома или да се препрати на болничко лекување. Тоа е еден вид медицинска патека базирана на т.н. медицина на докази која е преземена од светските протоколи и адаптирана на нашите услови.“
Дека Министерството воопшто не е ажурно во врска со донесување и ажурирање на протоколи за лекување на разни болести се гледа на неговата веб страница на која се објавени протоколи за инфективни болести, но и по девет месеци секојдневна битка нема протоколи за справување со новиот вирус ковид-19.
Последни вакви упатства кои се објавени во 2014 а е заборавено да се ажурираат во 2018, се дадени за медицинско згрижување при МЕРС и други коронавирусни инфекции.
„Секој сомнителен случај на тешка коронавирусна инфекција мора да биде упатен на лекување кај инфектолог, при што мора строго да се води сметка за превенција од капкова и контактна трансмисија. Доколку е возможно, во болницата потребно е да се преземат соодветни мерки за изолација од аерогено преносливи инфекции. Потребна е идентификација на блиските контакти на сите суспектни случаи, при што треба да се спроведат карантински процедури и да се преземат други превентивни мерки. Целта е да се идентификуваат што е можно поскоро по експозицијата (во текот на 10 дена), блиските контакти кои ќе развијат симптоматска болест“, се само дел од препораките при МЕРС.
Купените антибиотици ја откриваат реалната слика на заболените?
Ако се суди според бројот на купени антибиотици од почетокот на епидемијата во земјава, тогаш бројот на болни е за неколку пати повисок од тој што официјално се прикажува преку направените тестирања.
По повод Европскиот ден за рационална употреба на антибиотици 18 ноември и Светската недела за разумна употреба на антибиотиците 18-24.11.2020 проф. д-р Никола Пановски, претседател на Комисијата за контрола на АМР на Македонија, направи осврт за користењето на антибиотиците во земјава. Повикувајќи се на податоци од Фондот за здравствено осигурување, тој објави дека во октомври 2020, за азитромицин таблети 500 мг („сумамед“) се издадени 42.000 рецепти, за „цефиксим“ таблети 400 мг („панцеф“) 13.500 рецепти, додека за само 17 дена во ноември се издадени 44.500 рецепти за „сумамед“ и 14.500 рецепти за „панцеф“. Ова е антиобиотска терапија која вообичаено се пропишува на заболени со ковид-19.
Пановски сумира дека до 30.09.2020 година сме имале 18.000 ковид позитивни, од нив најмалку 10.000 биле без или со лесни симптоми, а пропишани и купени таблети „сумамед“ биле најмалку 120.000 пакувања!
За „сивата“ бројка разговаравме и со професорот по епидемиологија и биостатистика на Медицинскиот факултет во Скопје, д-р Драган Даниловски, кој вели дека не може да претпостави колкава е пропорцијата на граѓани кои имале симптоми, ама не успеале да се тестираат. Но, додава дека матичните доктори се должни да ги третираат тие граѓани како болни од ковид, дури и ако не успеале тоа да го верифицираат со тест.
– Во ситуација на ограничени ресурси неприфатливо е да се инсистира по секоја цена на лабораториска потврда на ковид. Симптомите веќе се доволно познати, само врз основа на клиничка слика (значи, без ПЦР потврда) некое лице кое има симптоми може да се стави во изолација – вели Даниловски.
Реалниот број е десет пати поголем
Д-р Даниловски неодамна објави анализа според која реалниот број граѓани што се инфицирале со вирусот е десет пати поголем. Ако таквата проценка е точна, на просечни илјада регистрирани позитивни случаи дневно, доаѓаат уште 9.000 неоткриени.
„Во моментов, регистрирани се 39.760 (8.11.2020). Ако е точно дека реалниот број е најмалку 10 пати поголем (според една неодамнешна студија), кај нас има веќе близу 400.000 позитивни, што е 23,5 проценти од 1,7 милиони (реална големина на популацијата, според Управата за електронско здравство). Кај нас 75 проценти од сите регистрирани позитивни случаи се асимптоматски. Ако бројките растат со сегашново темпо и ако претпоставиме дека на секои 1.000 регистрирани позитивни има уште (најмалку) 9.000 неоткриени, тоа значи дека секој ден се јавуваат нови 10.000. Од нив 7.500 се асимптоматски. Од асимптоматските, пак, (според една студија), 35 проценти (2.625) не се заразни. Тоа се контаминации или колонизации. Од 7.500 асимптоматски случаи, 35 проценти се 2.625 (≈2.600). Преостанатите 4.875 (≈4.900) се асимптоматски инфекции. Ако тие се додадат на оние преостанати 35 проценти или 2.500 симптоматски случаи (вистински болни), доаѓаме до 7.400 реално заразни случаи (4.900+2500=7.400) дневно. Ако ова се примени на нашите актуелни бројки, од 39.760 вкупно регистрирани, заразни биле 74 проценти или 29.422 случаи. Од хипотетичните, речиси 400.000 позитивни, заразни би биле 74 проценти или 296.000 граѓани. Тие се 17,4 проценти од вкупното население во Македонија“, анализира Даниловски.
Според епидемиолошката теорија, додава тој, за да се стабилизира епидемијата во заедницата, треба да се достигне т.н. праг на колективниот имунитет (HIT – herd immunity threshold), кој би го спуштил R на вредност 1 (секој случај на инфекција да води до само еден нов случај).
„Значи, потребно е 16,6 проценти од популацијата да бидат заразени, за да прекине експоненцијалниот раст. Ние практично штотуку го имаме достигнато тој праг. Се разбира, сосема апроксимативно, со оглед на апсолутно хипотетичните пресметки. Дури и да прифатиме дека се бројките надценети, дефинтивно се приближуваме до потребниот праг на колективниот имунитет, при којшто R=1“, анализира професорот.
Според негова груба пресметка, епидемијата ќе згасне тогаш кога ќе се постигне заштитното ниво на колективниот имунитет од преку 60 проценти. Тоа се 1.000.000 луѓе. Ако, пак, претпоставиме дека секој ден ќе се регрутираат нови 7.400 (заразни) случаи, а во моментов имаме (хипотетично) 296.000 (≈ 300.000), разликата до 700.000 ќе се постигне за 95 дена. Една десетина од нив (70.000) би биле официјално регистрирани случаи, хоспитализирани би биле 5.000 и починати 2.100.
Заклучно со вчера (20.11.2020) во Македонија се евидентирани 52.449 заболени, 30.952 оздравени, 1.462 починати, а бројот на активни случаи изнесува 20.035. Македонија во моментов е 16. на светската ранг листа според смртноста на милион жители, која изнесува 702 на милион жители.