Влада: Одлуката на Бугарија е неуспех за ЕУ, македонскиот идентитет и јазик не се предмет на преговори

Според Владата, преговорите со ЕУ не смеат да се претворат во преговори со Бугарија и нашиот напредок во евцроинтеграциите првенствено треба да зависи од домашните реформи врзани со поглавјата, законодавството на Унијата и постигнувањето на европските стандарди.

744

До сега не се создадоа соодветни услови за да се надминат новите бугарски барања и заради тоа, Република Бугарија одлучи дека во овој момент нема да ја одобри нашата преговарачката рамка во ЕУ. Тоа е неуспех за политиката на ЕУ за проширувањето, лоша порака за целиот регион и пораз за фундаменталните европски вредности и принципи, се наведува во реакцијата на Владата доставена до МИА по денешниот состанок на Советот на министри на Унијата.

– Задршката на Бугарија да ја одобри преговарачката рамка не е во духот на добрососедските односи. Ваквиот став на бугарската Влада е спротивен на членот 2 од Договорот за пријателство од 2017. Нашата позиција е јасна: ние сметаме дека европските интеграции не смеат да бидат заложник на билатерални прашања – се наведува во реакцијата.






Според Владата, преговорите со ЕУ не смеат да се претворат во преговори со Бугарија и нашиот напредок во евцроинтеграциите првенствено треба да зависи од домашните реформи врзани со поглавјата, законодавството на Унијата и постигнувањето на европските стандарди.

– Ние сме сигурни во тоа кои сме и што сме. Од секогаш сме биле Македонци коишто зборуваат македонски јазик, со силно чувство на самоопределување околу кое не може да се преговара и кое не може да биде доведено во прашање. Македонскиот идентитет и македонската национална свест биле отсекогаш високо изразени и на научно и на духовно ниво. Така е и денес, така ќе биде секогаш. Но, истовремено сме особено горди и на нашата смиреност и на нашата национална и политичка големина во овој тежок период за нас. Тоа е одлика на вистински Европејци, тоа е одлика на Македонците – се додава во реакцијата.

Владата потенцира дека Македонија и Бугарија се блиски држави, а македонскиот и бугарскиот народ отсекогаш биле исклучително блиски, а сега сме и сојузници во НАТО, па сакаме нашите односи уште повеќе да ги подобруваме, со взаемна почит и разбирање.

– Имаме заеднички геополитички интереси, за самите себеси, но и за регионот. Наш заеднички интерес е целиот Балкански регион што побрзо да се интегрира целосно во ЕУ, да се поврземе инфраструктурно, преку Коридор 8, да овозможиме полесен проток на луѓе, идеи, стоки и капитал, да изградиме добри услови за бизнисот, да ги зголемиме инвестициите – тоа е вистински патриотизам и лидерство – се потенцира во соопштението.

Владата изразува благодарност на зајакнатиот ангажман на германското претседателсто со ЕУ, како и на личниот ангажман на канцеларката на Германија, Ангела Меркел.

– Вложивме сериозни дипломатски напори да создадеме услови минатото да не биде кочничар на иднината. Ќе продолжиме интензивно да разговараме во интерес на нашата европска иднина при што сметаме дека решение е можно само ако од тоа решение двете страни излезат како победници, затоа бараме „win-win“ позиција – се нагласува во реакцијата.

Во соопштението се упатува голема благодарност до сите граѓани од сите етнички заедници во Северна Македонија и до сите политички претставници на различните заедници во земјата, за поддршката која се дава на македонскиот народ во овие моменти со цел заштита на македонскиот идентитет и за останувањето посветени на европскиот пат.

– Нашата Влада останува на истиот стратешки колосек. Испорачавме полноправно членство во НАТО, ќе ја придвижиме земјата и кон ЕУ. Ќе продолжиме со реформите со силен интензитет. Наша обврска е да ги спроведеме европските стандарди дома. За нас нема друг пат, нема друга алтернатива. Патот ни е многу трнлив и полн со предвидливи и непредвидливи предизвици. Но, нема откажување. Реформите продолжуваат – се истакнува во реакцијата.

Во соопштението се потенцира и дека нема ни трошка вистина во манипулациите кои ги пласираат дел од опозициските партии предводени од ВМРО-ДПМНЕ, за наводно „распродавање на македонскиот идентитет”.

– Апелираме до раководството на ВМРО-ДПМНЕ да престанат да се радуваат на тешките моменти во кои се наоѓа државата и да го препознаат моментот кога одредени национални прашања ги надминуваат границите на вообичаените партиски пресметки – се наведува во владината реакција по денешниот министерски состанок на ЕУ, на кој Бугарија се спротивстави на одобрувањето на преговарачката рамка на земјава со Унијата.

Поврзани содржини