Милошоски: Бараме за спорот со Бугарија да се разговара во Собранието, мора да се знае за што преговара владата
Пратеникот Антонио Милошоски реагира поради отсуството на вицепремиерот Никола Димитров и министерот за надворешни Бујар Османи на денешната комисија за надворешна политика
– Уште еднаш сакам да потенцирам дека е надвор од парламентаризмот, контролата на власта и европските вредности поканети министри во парламентот кој што ги избрал да бидат министри да избегнуваат да дојдат на прашања кои што се битни од национална гледна точна но и од точка на евроинтеграциите и затоа цениме дека е крајно неодговорно отсуството на вицепремиерот Димитров и министерот за надворешни Бујар Османи на денешната комисија за надворешна политика.
Дополнително актуелното владејачко мнозинство пред изборите не убедуваше дека една од изборните цели е да имаме ефикасни институции, а денес гледаме дека токму пратениците на владејачкото мнозинство оневозможуваат Комисијата за надворешна политика да биде ефикасна институција како работно тело од собранието. Инаку, она што требаше да биде расправано на Комисијата за надворешна политика денес ќе го предложиме како точка на дневен ред на пленарната седница – рече Милошоски.
Насловот на точката ќе биде информација за македонско – бугарските односи во контекст на објаснувачкиот меморандум од официјална Софија и ризикот на блокада за преговорите со Европската Унија.
– Оваа точка освен материјал кој што е приклучен ќе содржи два предлог заклучоци. Предлог заклучоците се првиот заклучок собранието ги осудува позициите содржани во објаснувачкиот меморандум на Република Бугарија испратен до членките на ЕУ во контекст на проширувањето на македонските евро интеграции како спротивни на повелбата на Обединетите нации во која една од целите е развивање на пријателски односи меѓу нациите засновани врз принципот на почитување и еднакви права и самоопределба на народите, право кое неделиво му припаѓа и на македонскиот народ. И вториот предлог заклучок Собранието упатува апел до сите земји членки на ЕУ до европската комисија и до европскиот парламент да донесат безусловна одлука за почеток на преговорите со одржување на првата меѓу владина македонско европска конференција – вели Милошоски.
– Се надеваме дека пратениците од парламентарното мнозинство ќе ја согледаат важноста на ова информација коректноста и издржаноста на предложените заклучоци и дека истите ќе бидат подржани со пошироко надпартиско мнозинство како што впрочем за многу по контроверзни теми се забележа надпартиското мнозинство во парламентот на соседна Бугарија – додаде Милошоски.