Не барајте непријатели, а ако веќе морате – барајте ги дома, а не во комшии!

Ако навистина треба да бараме „нова стратегија“ и „нов пат“ за односите со Бугарија и за нашата цел членство во ЕУ, ние сме должни на Зоран Заев да му го одземеме правото да ни смислува „нова стратегија“ и „нов пат“, бидејќи неговата „стратегија“ се покажа неуспешна, а патот му е крив, а не прав. Простете, ама не може на некој што го утнал патот, да му дозволиме да ни го трасира „новиот пат“. Тоа веќе би значело дека не е тој кабаетлија, туку дека ние сме будали!

16,635

За почеток, ќе цитирам пост на почитуваниот Никола Поповски, поранешен висок функционер во СДСМ, поранешен министер за финансии, политичар и експерт во својата област. Тој на Фејсбук пишува вака:

„Ете, стигна и очекуваната блокада во формализирана најава. Конечно се дочека да се види кој е најголемиот непријател. Да, непријател. За жал, бил и ќе биде. Односите со ‘нив’ сега се на историски најниско ниво, и тие направија се за да е така. Ќе треба минимум половина век за да се поправи штетата што ја нанесоа на меѓусебните односи, ако воопшто некогаш се поправи. Нација која цел свој век живее со разни илузии, вака како нив завршува. Историската шанса ја испуштија.






Сега треба да сме достоинствени и мирно да ја оставиме ЕУ да се доврши блокадата и до највисоко ниво на Советот и да кажеме: ‘Жалиме, но доколку тоа е патот што треба да го минеме за ЕУ, истата, за жал, не ни е потребна. Ви благодариме’. Ќе чекаме некои други времиња, доколку постојат. До тогаш, нова стратегија за иднината, ќе најдеме некој нов пат. Тој постои, секако. Не го правиме тоа заради желба, туку заради нужност, но тоа што е наше останува наше и само наше.

Јас лично никогаш немав никаква илузија, овој момент ми беше очекуван, но секогаш молчев знаејќи. Верувам дека од ова можеме да излеземе дури и посилни, како и секогаш во последниве 150 години. Можеме, но само да сакаме … ех кога би сакале“.

Ете, така размислува и така пишува Никола Поповски. Постот е илустративен за сеопштото разочарување во Македонија, а донекаде и за отсуството на илузии во поглед на исходот од преговорите меѓу Скопје и Софија. Го споделува, се разбира, тоа чувство и јас, иако не можам да се пофалам дека сум од оние што „молчеле знаејќи“. Нема и сега да молчам „знаејќи“, бидејќи има некои нешта во врска со односите меѓу Бугарија и Македонија, градени врз база на „братството“ меѓу Зоран Заев и Бојко Борисов, кои не ги знаеме и кои допрва треба да се разоткријат. За да можеме коректно да ги дефинираме „непријателот“ и неговата вина, ако баш мораме.

Затоа, ќе поставам три клучни прашања, без надеж дека ќе добијам одговор од оној кому му се поставени. Но, животот е долг и еден ден ќе ги дознаеме одговорите…

Во принцип, секогаш сум приврзаник на тезата дека вината за своите неуспеси човек треба прво да ја побара кај себе, а потоа и кај другите. И во овој слулај, не можам да се оттргнам од впечатокот дека вистинскиот виновник за се поизвесниот неуспешен старт на преговорите меѓу Македонија и ЕУ треба да се бара во Скопје, а не во Софија. Иако, да бидам сосема јасен и прецизен, се согласувам со Никола Поповски и со сите други кои сметаат дека блокадата на Софија ќе биде историска грешка на Бугарија, грешка која сериозно ќе ги уназади односите меѓу двете земји.

Мислам дека клучната тема на која во периодот пред нас ќе мора да ѝ посветиме посериозно внимание е Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, суштината на тој договор, интенциите и очекувањата од имплементацијата на актот кој беше широко поддржан и од Европската унија, од проевропските сили во Македонија и од поединци, меѓу кои е и мојата маленкост.

Еднаш веќе напишав дека ако овој договор, ако го споредиме со договорите од сферата на класичните облигационите односи (зошто да не), по својата содржина, не е главен договор, туку преддоговор или писмо за намери. Имено, овој акт јасно ги изразува намерите на двете страни (во позитивна насока, секако), ги нотира отворените прашања (меѓу кои главно е прашањето на т.н. заедничка историја) и дефинира јасно изразена институционална волја на двете влади да ги решат проблемите. За споредба со овој акт, еден друг договор, кој ги регулира односите на нашата земја со Грција (имено, Преспанскиот договор) безмалку до најситните детаљи ги решава отворените прашања и не остава простор за натамошно договарање, преговарање или толкувања во поглед на имплементацијата.

Денес официјални лица во бугарската политика зборуваат дека Договорот за добрососедство треба да се дополни со анекс, а македонскиот прр Зоран Заев призна дека финализирањето на преговарачкиот процес меѓу Скопје и Софија сепак ќе изискува некаква објаснувачка изјава, декларација или нешто слично. Најмалку тоа.

Прашање број 1: Зошто другарот ПВРСМ Зоран Заев не беше искрен пред македонската јавност и зошто не ни кажа уште тогаш, пред склучувањето на Договорот за добрососедство, дека ќе дојде ден кога преговарачкиот процес ќе продолжи и дека овој акт ќе треба да се дополнува со некаква декларација од било каков вид, а веројатно и со анекс? Таа неискреност, за Заев веќе пословична, за мене е веројатно клучниот дел од објаснувањето на суштината на Договор за добрососедство и на интенциите на договорните страни. Сакам да кажам, мислам дека ние се уште не ја знаеме суштината на она што Заев и Борисов „братски“ го договориле.

Денес веќе се знае дека официјална Софија и официјално Скопје, кога зборуваат за т.н. заедничка историја, не мислат на иста работа. На сите нас, пак, ни е апсолутно јасно на што мисли Софија (и тука, секако, се согласувам со тезата на Никола Поповски дека станува збор за еден куп „илузии“), но не ни е јасно на што мисли Зоран Заев. Ако терминот „заедничка историја“ навистина значи оној куп безначајни флоскули со кои Заев се обидува да ја одоброволи Софија и да ги импресионира Европејците, тогаш повторно станува збор за една претерано неискрена и инфантилна позиција на човек кој ставил потпис на документ од историско значење за двете земји.

Прашање број 2: Зошто другарот Зоран Заев барем сега не е искрен пред македонската јавност и не ни каже што разговарале со својот „брат“ Бојко Борисов во врска со „заедничката историја“? Зошто не ни каже дали двајцата постигнале некакво разбирање во поглед на тоа прашање, од аспект на спорот за Гоце Делчев, на пример? Како го „преломиле“ јазичниот спор од аспект на „заедничкото“ во историјата? Дали Заев се согласил формулата од 1999 година за именување на македонскиот јазик во билатералните односи да биде преземена и од страна на Европската унија?

Конечно, отворено и гласно нема да се согласам со тезата на Заев и на Никола Поповски дека на некој начин треба да се помириме со буарското вето и дека треба да бараме, како што вели Поповски, „нова стратегија“ и „нов пат“. Всушност, сосема е можно Никола Поповски да е во право во врска со тоа, но ако е така, ние сме должни на Зоран Заев да му го одземеме правото да ни смислува „нова стратегија“ и „нов пат“, бидејќи неговата „стратегија“ се покажа неуспешна, а патот му е крив, а не прав. Простете, ама не може на некој што го утнал патот, да му дозволиме да ни го трасира „новиот пат“. Тоа веќе би значело дека не е тој кабаетлија, туку дека ние сме будали!

Но, пред да дојдеме до таа дилема, Заев е должен да ги исцрпи сите можности на сегашниот преговарачки процес (со сите олеснувања и со сета поддршка што ја има). Ако успее на сегашниот пат – ама без да се пазари со македонскиот идентитет и самобитност, бидејќи тоа овој пат нема да му го дозволиме! – негова ќе биде заслугата, како и политичкиот профит. Но, ако не успее, Заев конечно ќе мора да се соочи со сопствената политичка одговорност за неуспехот.

И последното прашање, под реден број 3: Дали другарот ПВРСМ Зоран Заев има намера за сопствениот неуспех да ги обвини сите други, освен себе самиот? Дали сега ќе шириме пропаганда дека Бугарија (што ќе рече, Борисов, Каракачанов, Захариева, целото бугарско правителство, но и бугарскиот народ) ќе ја прогласиме за наш историски непријател? Дали навистина на Европа ќе ѝ се заблагодариме за досегашната поддршка и ќе ѝ речеме – добро, стасавме до тука, толку можевме, сега ќе си го бараме чарето на друга страна?

На овој последен сет прашања, јас, во мое лично име, ќе одговорам со едно големо – НЕ! Извинете, немам намера Бугарија и бугарскиот народ да ги прогласувам за наши непријатели, немам намера воопшто да прифатам некој да ни произведува и да ни наметнува непријатели. Ние сме си најголемите непријатели на самите себеси и не ни требаат нови. И едно големо НЕ од моја страна на тезата дека треба да се откажеме од европскиот пат. Тоа за Македонија ќе биде не стратешка, туку историска грешка.

Да, сосема е можно избраната траса, што ќе рече начинот по кој се обидевме да стасаме до конечната цел, да се погрешни. Не сум сигурен дека е баш така, но ја допуштам и таа можност. Ама, во таков случај, трасерот мора да отстапи и да дозволи друг да ја води Македонија кон посакуваната цел. А ако тоа не се случи, ако водачот не ја прифати сопствената одговорност, е тогаш веќе ќе знаеме кој ни е вистинскиот непријател.

 

Поврзани содржини