На ниво на цела држава, 90,2 отсто успешно следат онлајн настава, рече министерката за образование и наука Мила Царовска при денешната работна посета на Општина Прилеп.
– За останатите девет проценти, наставата се следи преку телевизија, но и со доставување на печатени материјали до учениците. Благодарност до Националната радиотелевизија заради тоа што овозможи 15-минутни часови да се одвиваат и на телевизија. Како МОН сме задоволни од моделот на настава којшто се избра заедно со Владата, а тоа е комбиниран, дел со физичко присуство дел со онлајн настава – изјави Царовска.
Таа додаде дека во наредниот период следува оценувањето на учениците, а до 20 ноември треба да се утврди и првото тромесечје. Царовска укажа дека и наставниците и учениците ќе имаат поддршка за сите предизвици коишто ќе се јават.
Градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски изјави дека на територијата на општината не се забележани потешкотии во изведувањето на наставата од далечина, додека наставата со физичко присуство се одвива соласно протоколите.
Министерката Царовска и Градоначалникот Јованоски изразија огромна благодарност до компаниите коишто преку донации обезбедуваат уреди за учениците и наставниците.
„Витаминка“ и „Преспав“ донираат 100 таблети за семејствата кои немаат можност да купат смарт уреди за следење онлајн настава на своите деца. Донацијата, што како иницијатива произлегува од Витаминка, а се приклучи и „ОХО“ продукција, се одвива преку Министерството за образование и наука од каде го составија списокот на корисниците на донацијата и ќе се достават уредите до семејствата според приоритетот и потребите.
Здравствената криза создаде нови услови во кои недостатокот од финансии, опрема и средства е се почест и во поголеми размери, а граѓаните посебно социјално загрозените семејства се соочуваат со најмногу проблеми, затоа е потребно бизнис секторот да помогне во секој аспект, велат од Витаминка за инцијативата.
– Во услови на пандемија во изминатата година граѓаните се соочуваат со големи предизвици, од економски, социјален и од образовен аспект. Покрај помошта на здравствениот сектор и на семејствата во социјален ризик, како компанија што високо го цени образовниот процес веруваме дека е многу важно обезбедување непречен и рамноправен пристап до образованието дури и во овие услови. Се надеваме дека со оваа донацијата ќе придонесеме кон тоа и ќе поттикнеме помасовна и поголема ангажираност на бизнис секторот во помошта кон граѓаните – велат од одделот за маркетинг во „Витаминка“.