Радев за преговорите: Не смееме да дозволиме да се легитимира омразата кон Бугарија и да се внесат нерешени проблеми во ЕУ
Бугарскиот претседател очекува бугарската влада да се избори за Поглавјето 35 од рамката за преговори.
Бугарскиот претседател, Румен Радев, смета дека треба да се одложуват преговорите додека не се постигне јасен и обврзувачки договор за расчистување на сите билатерални прашања на Бугарија со земјава. Почнувањето на преговори на земјава со ЕУ, според него, би значело внесување на нерешени проблеми во Унијата и легитимирање на омразата кон Бугарија.
– Очекувам бугарската влада да се избори за Поглавје 35 од рамката за преговори, што ќе ја вклучува целата наша позиција на национална рамка, усвоена од бугарскиот парламент, како јасно идентификувани критериуми што треба да се следат во текот на процесот на преговори.Сепак, ова се чини се помалку веројатно и има само еден излез – одложување на преговорите додека не се постигне јасен и обврзувачки договор за расчистување на сите билатерални прашања со Република Северна Македонија – вели Радев, пренесува БГНЕС.
Според него, членството на РС Македонија во ЕУ е исклучително важно за регион, а Бугарија секогаш го поддржувала тоа.
– Но ние мора да имаме јасни гаранции дека нашето единство како бугарска нација и културното наследство никогаш нема да бидат доведени во прашање од надворешни фактори.Како одговорна земја-членка на ЕУ, не смееме и не можеме да си дозволиме да внесуваме нови, нерешени прашања во ЕУ. Не можеме да дадеме легитимитет на омразата кон Бугарија. Како нација која се самопочитува, 3 години по потпишувањето на Договорот за добрососедство, не можеме да гледаме текстови во учебници, музеи, споменици и навредливи и недозволиви формулации во врска со Бугарија. Не можеме да го ставиме под хипотека нашиот национален идентитет- вели бугарскиот претседател.