Ерменија и Азербејџан војуваат за Нагорно-Карабах, се бројат нови жртви (ВИДЕО)

2,395

Војната во областа Нагорно-Карабах не запира и наспроти дипломатските апели за прекин на огнот, се  бројат нови жртви. Според последните објавени податоци од страна на Ерменија, до 28 септември претпладне (понеделник) се убиени 39 лица, од кои 7 се цивили. Азербејџан не соопштува податоци за жртвите.

Судирите меѓу двете поранешни советски републики, кои војуваа во 90-тите години од минатиот век, почнаа во неделата наутро и продолжија во понеделникот, со распоредување на тешка артилерија на двете страни.






Нагорно-Карабах, област населена главно со Ерменци, се одвои од Азербејџан во конфликтот што избувна по распадот на Советскиот сојуз во 1991 година. Самопрогласената република Нагорно-Карабах бара целосна независност и за тоа има поддршка од Ерменија, додека Азербејџан нуди само културна автономија. Се смета дека во војната меѓу Азербејџан и ерменските сепаратисти, од февруари 1988 година до мај 1994 година, загинале повеќе од 20.000 луѓе.

Иако во 1994 година беше договорено примирје, откако илјадници луѓе беа убиени и многу други беа раселени, Азербејџан и Ерменија често се обвинети за нападите околу Нагорно Карабах и по граничната линија.

Турција отворено го поддржува Азербејџан. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган разговараше со азербејџанскиот претседател Илхам Алиев и му вети помош на својот традиционален сојузник. Ердоган смета дека Ерменија е „најголемата закана за мирот во регионот“ и го повика целиот свет „да застане зад Азербејџан во неговата борба против инвазијата и суровоста“.

Претседателот Доналд Трамп во неделата изјави дека САД ќе се обидат да го запрат насилството. Американскиот Стејт департмент го осуди насилството повикувајќи на итен прекин на непријателствата, како и на каква било реторика или акција што ќе ја влоши ситуацијата. Европската унија и ОБСЕ ги повикаа двете страни да ги запрат воените дејствија и да им се вратат на преговорите.

Каспискиот гас и нафтата што одат од овој дел о светот кон Европа и на други страни, минуваат низ нафтоводи и гасоводи преку Нагорно-Карабах.

Поврзани содржини