Не трчај ко прле пред Заев!

20,129

После речиси двонеделна полезна и пријатна „детоксификација“ од отровиве во нашиот јавен живот, еве, го прекинувам молкот, за почеток со краток осврт на единствената релевантна политичка тема што ја окупира македонската јавност деновиве – спорот со Бугарија и реалната опасност Софија да го блокира процесот што води кон конечен почеток на преговорите меѓу Македонија и Европската унија.

Актуелниот миг ме потсетува на периодот пред средбата на Зоран Заев со поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас во Давос, на маргините на Светскиот економски форум, што се случи кон крајот на јануари 2018 година. Кај нас тогаш се водеше жива дебата како да се реши спорот меѓу двете земји. Премиерот Заев најавуваше компромисно решение, но се уште мантраше дека се преговара само за ерга омнес име за надворешна употреба и ветуваше дека нема да се менува Уставот.






Додека беше опозиционер, ова беше ставот на Заев за промената на името, како можно решение на спорот со Грција: „Додека дишам, додека го дишам овој македонски воздух, додека ме држи памет дека мојот дедо, мојот татко сите мои предци, јас мојот син и ќерка сме Македонци, родени овде во Македонија, тоа не може да се случи. И не само тоа, верувам дека не постои роден човек подготвен да излезе пред парламент и да бара промена на Уставот заради промена на уставното име“. Долго време после оваа изјава Заев го дишеше и сѐ уште го дише овој македонски воздух, но сепак го промени името на својата земја и излезе пред парламентот, побара и доби промена на Уставот заради промена на уставното име. И тоа не му е доста, па сега од уста не го вади новото име – Република Северна Македонија.

Да бидам искрен, јас бев еден од ретките што вршеа силен јавен притисок врз опозиционерот Зоран Заев, како и претходно долги години врз премиерот Никола Груевски, да се постигне компромисно решение со Грците. Во крајната исходишна точка, за мене компромисно решение значеше сложено име за севкупна употреба за официјалната комуникација на Македонија со светот. Тоа беше формулата „ерга омнес“. Никогаш не се залагав домашна употреба на новото компромисно име и за промена на Уставот. Но, никогаш и не се колнев во своите предци и во својот живот дека такво нешто нема да се случи. Згора на сѐ, јавно го поддржав Преспанскиот договор, во кој Заев експлицитно ги прекрши и ветувањето и заклетвата дадена освен во негово лично име, во името на неговиот дедо, на неговиот татко, на сите негови предци, но и во името на неговите син и ќерка.

Не е страшно човек да го смени мислењето, но не е убаво човек да лаже. Плус да се колне па да лаже. А Заев често е скаран со вистината. Пречесто!

Мислам дека македонската јавност сѐ уште не знае дека клучната промена на ставот на Заев се случи во јануари 2018 година, токму на средбата со Ципрас во Давос. Сѐ уште не знаеме што сѐ надробил кутриот Заев на тој состанок во четири очи – засега, но дискасити абаут дет! – но јас сум убеден дека во таа прилика муртинецот галантно и театрално ја скинал својата патриотска „жица“, како што глупаво ја симна и вратоврската.

Признав веќе: јас, на некој начин, се сметам за соучесник во таа промена на ставот на Заев. Но, редно е и сите вие кои биевте битка за „одбрана на името“, особено од најтврди и максималистички позиции, искрено да си признаете дека сте на списокот на соучесници. Звучи парадоксално, но верувајте, така е. Дебатата меѓу двете поларизирани гледишта овозможи да се создаде перцепцијата дека компромисот навистина е некаде на половина пат, а тоа му отвори можност на Заев самиот да биде „трасер“ и да одлучи каде е точно таа фамозна половина од патот. И потоа, во името на големата слика која навистина им беше важна на сите разумни луѓе (и сега е важна), дрско од сите нас да побара јавна поддршка за она што го договори со Ципрас. Се сеќавате, дури и на референдум нѐ праша, убеден дека успеал да ја сподели одговорноста. Референдумот не успеа, но завидна бројка граѓани гласаа за нешто за што порано никогаш не би гласале. Додека дишат…

Имам чувство дека и сегашната жива дебата за спорот меѓу Софија и Скопје, во која учествуваат јавни личности од двете страни, му оди во прилог на Зоран Заев. Внимавајте добро на таа итроштина, драги мои! Би можел да се обложам дека тој, на своите многубројни средби со бугарскиот премиер Бојко Борисов, има ветено сѐ и сешто, брда и долини, слично како и на онаа фамозна средба со Ципрас во Давос. И убеден сум дека сега муртинецот чека полемиката да се развие и да се вжешти до степен што сите ќе помислиме дека компромисните решенија за отворените прашања, што ги стокмил во тие разговори со Борисов (или му се стокмени од знаете кого), се прифатливи. После сѐ ќе биде полесно…

Многу пати сум објаснувал зошто спорот меѓу Македонија и Бугарија е многу посериозен и потежок од нашиот спор со Грција. За разлика од вториот, во чија основа беше полемиката за наследството на империјата на Филип и на Александар (кое често го нарекувував „празно множество“ во идентитетска смисла), нашиот спор со Бугарите не е ирационален, бидејќи полемизираме за прашања кои длабоко го засегаат нашиот национален идентитет. Се разбира, јас сум убеден дека двете страни можат да најдат решенија за сите спорни прашања, ако ние Македонците се обидеме да ги разбереме бугарските позиции, но пред сѐ ако Бугарите ја прифатат самобитноста на македонската нација, со сите нејзини атрибути, како неспорен историски факт.

Не сакам да ја обесхрабрувам јавната дебата за овие теми. Обаче, јавно ќе кажам дека јас нема никого да „советувам“ како да се постави во спорот и што да прави. Нема да нудам решенија и аргументи за нивна поддршка. Зашто многу добро знам дека итриот Заев тоа ќе го злоупотреби. Прво ќе ги одврзе пропагандистичките песови да ме нападнат (така беше и кога го „советував“ да прифати компромис со Грците), а потоа ќе се приклони кон тоа мислење и пак ќе си го дише македонскиот воздух, како ништо да не се случило. Имајте на ум дека итриот Заев ќе ги злоупотреби и ставовите и аргументите на сите истакнати македонски интелектуалци кои деновиве ги анализираат сите аспекти на спорот со Бугарија и добронамерно го едуцираат и го советуваат премиерот што да прави. Ве уверувам дека на крајот Заев ќе се приклони кон позициите на малкутемина домашни антимакедонисти (ретки се, но има и такви во пропагандистичката тајфа на СДСМ), кои веќе со месеци посакуваат и објавуваат смрт на Македонија и на сѐ што е македонско. И сите ние што помислуваме на компромиси и што политиката ја разбираме како вештина на можното ќе се почувствуваме изманипулирани од прекупецот.

Ете затоа, си велам себеси, а му велам и на секој добронамерник – не трчај ко прле пред Заев!

Дај му шанса на муртинецот сам да ни каже кој пат фатил. Нека се заколне пак, да го слушнеме. Има тој платени министри, советници, пропагандисти. Да ги слушнеме и тие да кажат како мислат да ги решат спорните прашања со Бугарите. И ајде да видиме што му ветувал Заев на Борисов. Заев сѐ уште го дише нашиот македонски воздух и време е да ни каже до кога мисли да го дише – сакам да кажам, да го дише како таков, како македонски.

 

Поврзани содржини