Груби: По уривањето пред „Мавровка“, треба и платформата на Матка, ама и терасата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ
Првиот вицепремиерот вели дека одлуката за уривање на објектот не ја донел премиерот, туку дека тоа било барање на ДУИ.
Првиот вицепремиер Артан Груби изјави дека уривањето на дивоградбата пред „Мавровка“ било предизборно барање на ДУИ. Тој вели дека мора да се почитува законот и оти треба да бидат урнати и платформата на Матка и многу нелегално изградени објектии во Охрид, но и терасата во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ која е дивоградба.
– Не ја донесе премиерот оваа одлука, ја донесе Владата како колективно тело и тоа беше дел уште од преговорите како наше барање. Приоритет ќе ни биде владеење на право и неселективна правда – рече Груби за ТВ Сител.
Прашан дали по уривањето на објектот кај „Мавровка“ ќе има постапка и за платформите на Матка и во Охрид за дивоградбите на членот на ДУИ Нефи Усеини, тој вели дека според таквата една логика треба да започнат со уривање на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ.
– Апсолутно секако, мора да се почитува законот и ќе видите апсолутен фокус на неселективна правда, ако има незаконско изградено седиште на партија, ако има дивоградба во Тетово, Гостивар, Струга ќе има постапка. Ама многу е важно да не постапува партијата туку тоа да го прават институциите – рече Груби.