Дали гувернерката на НБРМ го информирала Зоран Заев за пропаѓањето на „Еуростандард банка“ и по кој основ, го праша денеска Гордана Димитриеска Кочоска, претседателка на Комисијата за материјално финансиско работење на ВМРО-ДПМНЕ.
-Заев призна дека како премиер имал информации за лошата состојба во банката речиси пред една година. Наспротив ова министерката за финансии Нина Ангеловска изјави дека немала информации за пропаѓањето на банката. Оттука се поставува прашањето кој ја лаже јавноста, Заев кој вели дека имал информации и добивал извештаи, или министерката за финансии која вели дека немала информации а која само месец и половина пред пропаѓањето на банката ги повлекла средствата. Зоран Заев е должен да одговори кој му ги давал извештаите за состојбата со банката – дали гувернерката го информирала за банката и по кој основ или министерката за финансии која пак вели дека не знаела за банката иако е дел од Комитетот за финансиска стабилност? Ако Зоран Заев знаел за пропаѓањето на Банката тогаш тој бил и најповикан да ја спаси од пропаст банката во која пропаднаа заштеди и се блокирани над 100 илјади сметки – рече Димитриеска Кочоска.
Со пропаѓањето на банката блокирани се над 50 илјади сметки на пензионери а до сега само 10 илјади луѓе имаат отворено сметка во друга банка и пријавено во Фондот за пензиско осигурување.
ВМРО-ДПМНЕ бара обвинителството и финансиската полиција да отворат случај за пропаѓањето на банката и за тоа кој сѐ бил инволвиран во скандалот.
-Дополнително да се испита зошти нема ревизорски извештај банката за 2019та година и зошто свесно тоа се толерирало. Мора да се дознае кои се институции затаиле со својата работа – додаде Димитриеска Кочоска.