Град со големина на јаболко синоќа паѓаше во Словенија
Поради силниот налет на бурата, возачите на автомобили во некои подрачја побарале заштита под надвозниците.
Исклучително силно невреме, кое вчера во доцните попладневни часови зафати делови од Австрија, во текот на ноќта погоди и поголем дел од Словенија, каде на повеќе места била причинета штета.
Биле предизвикани поплави, а некаде паѓал и град со големина на јаболко. Поради силниот налет на бурата, возачите на автомобили во некои подрачја побарале заштита под надвозниците.
Најголема штета, според досегашните информации, е причинета на подрачјето Домжале, каде пожарникарски служби добивале огромен број повици за помош.
Словенечкиот метеоролошки завод соопшти дека невремето е дел од студениот бран кој од Средна Европа се движи кон исток, проследен со поројни дождови и повремен град и силни ветрови.
Во вечерните часови се појавила локална нестабилност и во северозападниот дел од внатрешноста на Хрватска, за што е издадено жолто предупредување поради евентуални дождови и грмотевици на тоа подрачје.