Грција ги привлекува странските пензионери да се преселат во земјата
Властите во Грција со овој потег очекуваат да се натпреваруваат со други земји во јужниот дел на Европската унија, кои веќе имаат слични придобивки за пензионерите.
Грчката влада ги повикува странските пензионери да ги пренесат своите даночни резиденции во таа земја, со воведување единствена даночна стапка од седум проценти на нивниот цел приход остварен во странство, пишува „Катимерини“.
Властите во Грција со овој потег очекуваат да се натпреваруваат со други земји во јужниот дел на Европската унија, кои веќе имаат слични придобивки за пензионерите.
Според одредбите во нацрт-законот што Министерството за финансии го достави пред парламентот за усвојување во текот на минатата недела, на пензионерите им е потребен доказ дека најмалку пет од шесте даночни години, пред да се преселат во Грција, не биле нејзини даночни обврзници.
Покрај тоа, земјата од каде потекнуваат мора да има потпишано договор со Грција за административна соработка и за даночни проблеми.
Откако ќе се донесе одлуката за данок на странските пензионери, таа ќе се утврди со фиксна стапка од само седум проценти во следните десет години. Надоместокот се плаќа секоја финансиска година во паушална сума.
Крајниот рок за аплицирање за оваа година е 30 септември.
Во пракса, ова значи дека за период од десет години, секој пензионер што доаѓа во Грција, како нов даночен обврзник, со приход во странство, преку деловни пензии или други разни инвестиции, ќе плати многу ниска даночна стапка.
Инаку, пензионерите кои се граѓани на Европската унија можат да се преселат во која било друга земја-членка и да плаќаат даноци таму.
Исто така, секоја друга земја може да воведе даночно олеснување за пензионерите од Европската унија и за оние граѓани кои се активни.
Португалија, Малта, Италија и Кипар поминаа најдалеку од земјите на ЕУ во давањето даночно олеснување на пензионерите, а Романија и Франција во помала мерка.
Грчката влада посочи дека, покрај споменатите придобивки, пензионерите при одлучувањето за преселување го земаат предвид и начинот на живот во една земја, нејзината култура, клима, здравство и државна администрација.
Грција може да се пофали со некои работи од тој список, иако даночните олеснувања беа обесхрабрувачки до неодамна, а довербата во државата и нејзиниот здравствен систем е сè уште релативно мала, според „Катимерини“.