Зад премиер Албанец застанаа и дел од помалите етнички заедници

1,921

ДУИ на прес конференција се пофали дека за понудата премиер Албанец застанале и други етнички заедници.

– Ако навистина сакаме функционална мултиетничка демократија, тогаш мора постојано да работиме на унапредување на правата на немнозинските етнички заедници. Платформата за првиот премиер Албанец не претставува само придобивка за Албанците туку јасен сигнал за сите етнички заедници дека во оваа земја има место за секого, охрабрување за сите млади припадници и на турската етничка заедница но и на сите немнозинските заедници дека секој има фер шанса да се натпреварува за секоја позиција и во општеството, и во здравството, и во бизнисот, но и во политиката – рече Сеад Зејнел од турската заедница, носител на листата на Четвртата изборна единица на ДУИ.






Мери Николова Буџаку рече дека  ДУИ е партија која иако најмногу ја влече својата база на поддржувачи меѓу Албанците во земјата, сепак создава силна платформа во која има место за сите, чија политичка определба е унапредувањето на индивидуалните права на граѓаните.

-Токму во таа насока ја гледам и идејата за првиот премиер – Албанец, како платформа која ќе ги сруши политичките стереотипи во земјава за тоа кому каква улога во општеството му припаѓа. Јас цврсто застанувам зад оваа идеја, и сметам дека првиот премиер – Албанец ќе значи мотивираност и охрабрување на сите граѓани да ја планираме својата иднина овде во сопствената држава – рече Николова Буџаку.

Градоначалникот на Пласница Исмаил Јахоски  рече дека платформата за првиот премиер  Албанец ја смета за исклучително позитивна, затоа што со неа дополнително ќе се ослободат, ќе се охрабрат сите граѓани на земјата, дека секој има еднаква шанса и можност да ја бара својата среќа во оваа
држава.

Рафет Муминовиќ од бошњачката заедница потенцира дека помалите етнички заедници очекуваат, и ги остваруваат малцинските права преку принципите и политиките кои ги обезбедува најголемата немнозинска заедница во земјата Албанците.

– Да бидеме искрени, ниту ние Бошњаците, а верувам ниту Турците, Ромите, Власите и сите останати етнички заедници немаше да можеме да ги стекнеме ни денешните права, да не беше колективната политичка сила која ја остваруваме заедно со Албанците во земјава. Јасно е дека ние нашите права ги остваруваме само кога сме обединети, кога дејствуваме заедно, а тоа ни го овозможува ДУИ која прераснува во платформа за остварување на правата и можностите на сите етнички заедници во земјава. А тоа, ќе се согласиме сите, никогаш не било на штета на мнозинската заедница, нашите
сограѓани Македонците – рече Муминовиќ.

 

Поврзани содржини