Спасовски: Уредбата за избори нема да се менува, може да се дополни за роковите
Спасовски не го оспорува гласањето на дијаспората, ако се исполнат условите за тоа.
Владата има донесено уредба со законска сила за роковите за одржување на изборите и нема потреба таа да биде менувана. Уредбата се покажа исправна и во правниот систем и Уставниот суд оцени дека е заснована на Уставот и на законот, изјави премиерот Оливер Спасовски.
– Таа уредба ги одложи изборните дејствија, ги замрзна роковите, затоа што во вонредна состојба тие се ставаат вон сила. Тука треба да го имаме предвид уставниот рок од 60 дена за одржување на парламентарните избори од денот на распуштање на Собранието. Ако нешто друго треба да се дополни во овој период, во смисла на рокови во рамките на тие 60 дена, тоа е веќе прашање на дополнување на уредбата. Но, ние имаме уредба и таа нема потреба да биде менувана – изјави Спасовски на прес-конференцијата на која го претстави третиот сет економски мерки.
Спасовски не го оспорува гласањето на дијаспората.
– Гласање на дијаспората е овозможено според Изборниот законик доколку се исполнат условите што стојат во него. Тоа е предвидено и во изборните дејствија и мислам дека е сосема јасно на кој начин ќе се одвиваат изборите – и овде и надвор од државата – рече Спасовски.