ВМРО-ДПМНЕ: Само Заев лицитирал со датум за избори, никој друг

494

Зоран Заев е осамен во желбата за брзи избори, неговите позиции и лицитација со датуми не беа прифатени од ниту еден учесник на лидерската средба вчера кај претседателот Стево Пендаровски, брифираат извори од ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив, Заев на средбата дошол исклучиво спремен да разговара за датуми, а не и за заштита на здравјето на граѓаните.






Од ВМРО-ДПМНЕ денеска се осврнуваат на, како што велат, неколку невистини искажани од Заев и од премиерот Оливер Спасовски по вчерашната лидерска средба, па велат дека не е точна изјавата на Заев дека „изборите се прогласени“.

– Изборите не може да се прогласени, кога договор за датум нема, а датумот пред сѐ, зависи од три фактори: оценка за здравствената состојба од Комисијата за заразни болести, мислење од ДИК за преземање дејствија и подготовка за избори, како и обезбедување набљудувачи на изборите од ОБСЕ и ОДИХР кои ќе обезбедат целосно покривање и мониторинг на мисијата – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозициската партија повторно нагласуваат дека целосно е невистинито тврдењето на Заев и на Спасовски дека изборните дејствија продолжуваат онаму каде што застанаа последниот пат по прогласувањето на вонредната состојба.

– Ова не може да е така поради фактот што и двајцата се согласија дека ДИК треба да даде своја проценка за потребното време за подготовка на изборите под услов да има зелено светло од Комисијата за заразни болести дека има услови за непречена кампања и објективно потребното време на ДИК за прочистување на Избирачкиот список, организирање на самите изборни дејствија и условите кои треба да се обезбедат. Тој рок е минимум шеесетина дена од денот на распишувањето на изборите – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ толкува дека укинувањето на вонредната состојба нема да значи и веднаш почеток на изборен период. Тоа, велат во ВМРО-ДПМНЕ, претставува противправно толкување на изборниот законик.

– Забележително е незрелото однесување на Зоран Заев, како и бесчувствителноста кон заштитата на здравјето на граѓаните. За Заев лидерската средба се претвори во политиканство, и во борба за помал пораз, а не и во суштина. Добро е што е прифатен планот на Мицкоски во 4 точки со што ќе се гарантира здравјето на граѓаните. Уште подобро ќе биде Заев на ова да пристапи сериозно и зрело, наместо калкулантски во обид да спаси нешто од последните денови на својата кариера. Ова не е борба за потесен пораз на Заев туку борба за заштита на здравјето на граѓаните. Нокаутот од народот за Заев на изборите не му бега, кога и тие да се случат, но сега е најважно здравјето на граѓаните – порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани содржини