Медицинска сестра од Белград го опишува својот работен ден: Ако мислиш дека не можеш да издржиш за во тоалет, добиваш пелена
Јас морам да вклучувам инфузии, да приклучувам пациенти на кислород, да им променам пелени на неподвижните. Прашање е уште колку можеме да издржиме, пишува Попадиќ.
Адријана Попадиќ е медицинска сестра од Белград која работи на Интензивна нега и која со денови се наоѓа во првата борбена линија во борбата против коронавирусот во Србија. Со надеж дека граѓаните ќе сфатат колкав напор секојдневно вложуваат здравствените работници за да спасат туѓи животи, таа на социјалната мрежа Фејсбук објави статус преку кој објаснува како изгледа една нејзина смена.
Таму има преплашени луѓе кои се на кислород, а има и безобразни кои не сакаат да ја стават маската на лицето.
„Морам нешто да напишам и повеќе нема да се огласувам јавно по повод заразата, која и онака ретко ја спомнував. Сите кои ме познаваат знаат каде работам. Поради тоа што сега се на сила вонредни мерки, јас ќе се обидам накратко да ви опишам како изгледа еден мој работен ден. Дежурството трае 24 часа. Кога ќе дојде мојот ред да влезам во зоната на заразени, најпрво облекувам заштитно одело, ставам заштитна маска која се прилепува за кожата, очила кои по неколку часа ми го откинуваат увото. Кога сето тоа ќе го ставам на мене значи дека повеќе не можам да си го допрам лицето, да се почешам или било што друго. Ако мислиш дека не можеш да издржиш за во тоалет, веднаш добиваш пелена. За она другото воопшто да не зборувам (ако прднеш, скафандерот ќе се надува). Шегата на страна. Поради маската мислев дека ќе се задушам, доживував панични напади, но некако успевав да се смирам. Влегувам во одделението каде што се среќавам со заразени пациенти. Таму има преплашени луѓе кои се на кислород, а има и безобразни кои не сакаат да ја стават маската на лицето. И така е со часови, сè додека не почне да ми се мати погледот од глад и од жед. Но, јас морам да вклучувам инфузии, да приклучувам пациенти на кислород, да им променам пелени на неподвижните. Прашање е уште колку можеме да издржиме“, пишува Попадиќ.