Француските лекари сакаат да тестираат вакцина во Африка, ама наидоа на силен отпор од поранешни фудбалери
Не гледајте на луѓето во Африка како да се ваши лабораториски глувци - рекол Дрогба.
Француските лекари изразиле желба да тестираат лек против коронавирусот на луѓе во Африка, но на ова остро реагираше Светската здравствена организација (СЗО). Целата оваа работа започнала откако двајца лекари на француската национална телевизија зборувале за тоа дали вакцината против туберкулоза би можеле да помогне во борбата против ковид-19.
– Можеби ќе звучи сурово и провокативно, но јас сметам дека тестирањето треба да се изврши во Африка каде што нема маски, нема интензивна нега, нема лекување. Сметам дека треба да се оди по истиот принцип кога се истражуваше лек за сида, а тестирањето беше извршено врз проститутки. Сериозно размислуваме да почнеме да работиме на истражувањето во Африка – рекол шефот на француското одделение за интензивна нега, Жан Пол Мира.
Директорката за истражување од Националниот институт за здравје, Камил Лохт, пак, се согласила со тврдењата на својот колега.
Сепак, ваквите коментари предизвикале лавина негодувања во јавноста, а еден од најгласните критичари е поранешниот фудбалер на Челзи, Дидие Дрогба, кој предлогот на лекарите го смета за чист расизам.
– Не гледајте на луѓето во Африка како да се ваши лабораториски глувци – рекол Дрогба.
Од негова страна застанал и поранешниот фудбалер на Интер, Самуел Ето, кој лекарите ги нарекол убијци.
Директорот на СЗО, Тедрос Гебрејесус, пак, истакнал дека Африка не може и не смее да биде место каде што ќе се тестира вакцината.
– Ќе ги следиме правилата за тестирање на секоја вакцина кои се спроведуваат ширум светот, без разлика дали во Европа или во Африка – рекол Тедрос.