Стопанска комора: Да се измени уредбата за движење за да може да се организира втора смена во викенд
Уте, забраната за движење на граѓани започнува порано, од 16 часот. Што значи тоа за компаниите што работат во две смени и редовно работат до 20 часот, прашуваат од Комората.
Потребно е да се измени соодветно Уредбата со која им се дозволува на работниците да одат и да се враќаат од работа и во периодот кога има забрана за движење за да се овозможи да важи и за втора смена кога тоа го налагаат околностите како претстојниот викенд, изјави денеска Зоран Јовановски , главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора за економски прашања во своето видеообраќање.
– Досега компаниите што работеа само во две смени можеа да го реализираат производството во периодот од 05 – 21 часот. Но, утре, сабота, забраната за движење на граѓани започнува порано, од 16 часот. Што значи тоа за компаниите што работат во две смени и редовно работат до 20 часот? Не смеат да работат со втора смена? Постојните дозволи не се однесуваат за втора смена, како што е случајот со викендов, бидејќи Уредбата со која им се дозволува на работниците да одат и да се враќаат од работа и во периодот кога има забрана за движење се однесува само на ноќно работење, трета и четврта смена. Што да прават компаниите во вакви околности? Ова е пример за прашање што бара јасен и брз одговор за да може производството да се извршува онаму каде што се уште се одвива и во вакви вонредни услови – посочува Јовановски.
Затоа, според него, е многу важно да постои механизам на добра комуникација кој ќе овозможи да се добие валидно толкување од оној што е овластен да го даде.
Тој во обраќањето информира и за активностите на комората за обезбедување на проодност на коридорите за транспорт на стоки.
– Во врска со информациите за застој во транспортот на камиони на српско-македонска граница, Комората е активно вклучена во комуникација со Стопанската комора на Србија, и заедно со Владата на Република Србија се работи на отстранување на пречките – вели Јовановски.
Тој информира и дека Советот на министри на Босна и Херцеговина донесе одлука со која определи гранични премини за влез и излез на стоки кои транзитираат низ таа држава. Деталите за таа одлука компаниите можат да ги најдат на интернет сајтот на Комората.