Отпуштени работници, работа по четири часа, намалени плати, се последиците со кои веќе се соочуваат вработени во приватни фирми во Македонија како последица од епидемијата на коронавирусот. Меѓу тие кои останале без работа се граѓани кои работеле во скопски фабрики, но и во дуќани во скопските трговски центри и молови. Тие реагираат дека без никакво образложение добиле отказ или им се намалени платите иако работеле полно работно време, или пак им било речено дека ако и кога ќе има потреба од нив ќе бидат повикани.
Скопјанка која до пред два дена била вработена во една фабрика реагира дека во еден биле отпуштени 70 вработени.
– Ненајавено, без образложение денес се испуштени од работа 70 вработени. Еве како газдите се однесуваат во време на криза. Срамота. И ние имаме семејства за хранење, а вие отпуштате без трошка милост – реагира таа.
Први на удар биле вработените кои работеле по договор на дело. Им било кажано дека ако има потреба во иднина ќе бидат повикани на работа.
Во дуќан од еден од трговските центри во Скопје вработените телефонски биле известени повеќе да не доаѓаат на работа. Ќе ги викнеле повторно, ако има потреба. Претходно, сопственикот им дал да потпишат изјава дека за месец март ќе земат помалку од половина плата.
Некои работодавачи го решаваат моменталниот принуден прекин на работниот процес со давање колективен одмор или со повик до вработените да ги искористат деновите од одмор. Вчера беше кажано дека најголем дел од околу пет илјади работници од „Дрекслмаер“ од понеделник ќе користат колективен одмор.
– Работниците колективно ќе користат дел од платениот годишен одмор. Платеното отсуство ќе биде две седмици. После тоа, согласно со нарачките за работа и целата ситуација со коронавирусот, ќе се донесе соодветна одлука – нагласија за МИА од германската фабрика во која работат работници од повеќе општини.
Слична е ситуацијата и во текстилната индустрија, каде има работа до 15 април, а што ќе биде потоа дали ќе има нови нарачки за работа, не се знае.
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) вчера побара од Владата да донесе мораториум на сите откажувања на договорот за вработување откако добиле пријави од голем број работници дека одредени работодавачи ја користат состојбата и планираат откажување на договорите за вработување на работници од цели компании. ССМ бара во период од 60 дена исплата на платите без нивно намалување со одлагање на плаќање на придонесите од задолжително социјално осигурување, со тоа што во рок од шест месеци по надминувањето на тешкотиите, односно вонредната состојба, да бидат уплатени во соодветните фондови. Оваа мерка е преземeна во моментов во најпогодена земја од вирусот – Италија.
Првичните мерки на државата за амортизација на економскиот удар врз компаниите засега не наидоа на позитивен одглас кај работодавачите. Државата понуди олеснителни околности и одложувања на давачките за три месеци, но сѐ уште нема соодветен одговор за тоа како ќе се задржат работните места освен со нови задолжувања на фирмите кои не можат да проценат кога ќе бидат во стабилна финансиска состојба за да почнат да ги отплаќаат кредитите кои ќе ги земат за да платат плати и придонеси и за да не ги отпуштат вработените.
Министерката за финансии Нина Ангеловска вчера ги повика компаниите во секторите кои работат со добивка и не се погодени од кризата со коронавирусот однапред да ги плаќаат давачките кон државата. Комерцијална банка е една од првите компании која ги плати аконтациите за цела година однапред.
Најновата проценка направена од Меѓународната организација на трудот (МОТ) покажува дека економската криза создадена од пандемијата на Ковид 19 би можела на глобално ниво да остави 25 милиони луѓе без работа. Врз основа на различните сценарија проценките на МОТ укажуваат на пораст во глобалната невработеност меѓу 5,3 милиони („полесно“ сценарио) и 24,7 милиони („потешко“ сценарио) за разлика од глобалната финансиска криза во 2008/9 која ја зголеми глобалната невработеност за 22 милиони. Исто така, се очекува и значително зголемување на лицата кои ќе дојдат на работ на сиромаштија што според проценките на МОТ ќе биде меѓу 8,8 и 35 милиони луѓе низ светот.