90% ОД ДЕФЕКТИТЕ НА ЕЛЕКТРОДИСТРИБУТИВНАТА МРЕЖА СЕ САНИРАНИ Во дефект се уште 300 трафостаници
Паднатата вегетација на многу места целосно го блокира пристапот и дополнително ја отежнува работата – велат од Електродистрибуција.
Вчерашното невреме, кое зафати повеќе градови во земјага сериозно ја погоди и електродистрибутивната инфраструктура, како на среден така и на низок напон. Поради оштетувања и неколку стотици паднати столбови, без напон останаа 2.308 трафостаници, соопшти Електродистрибуција.
„Засилени екипи на компанијата работеа без престан во исклучително тешки услови и успеаја да санираат дури 90% од дефектите. Во моментов, на територија на цела земја, без напојување се сè уште 300 трафостаници, бидејќи паднатата вегетација на многу места целосно го блокира пристапот и дополнително ја отежнува работата. Сепак, на терен интензивно се интервенира и нема да се запре се до целосно нормализирање на состојбата.
Најмногу погодени беа делови од Скопје, Куманово, Кочани и други населени места низ Македонија.
Изразуваме благодарност до корисниците за покажаното трпение и разбирање во овие вонредни околности. Санацијата на секој поединечен дефект е резултат на максималниот ангажман на нашите теренски екипи. Компанијата ги стави на располагање сите свои капацитети и ресурси, кои остануваат мобилизирани се до целосно нормализирање на снабдувањето за секој корисник“ – се вели во соопштението.