50-КАТНИЦАТА ШТО ЗАСЕКОГАШ ЌЕ ГО СМЕНИ ЛИКОТ НА АТИНА До 40.000 евра квадрат достигнаа најгорните апартмани во кулата „Ривиера“ кои се продадени во тајност

Мегапроектот Елиникон засекогаш ќе го смени изгледот на ниската Атина. Тој привлекол голем број инвеститори, го полни ослабениот грчки буџет, а ќе го добие најголемиот трговски центар во Грција, луксузна марина, како и импозантен туристички комплекс на Hard Rock Hotel & Casino вреден 2,1 милијарди евра.

0

На просторот на некогашниот напуштен меѓународен аеродром во Атина, денес се раѓа најголемиот проект за урбана регенерација во Европа – паметниот мегаград Елиникон. Со инвестиција вредна над 8 милијарди евра предводена од Lamda Development, овој крајбрежен појас со површина од 620 хектари се трансформира во елитен кварт кој радикално го менува визуелниот и економскиот идентитет на Грција.

Круната на овој амбициозен потфат е Кулата Ривиера (Riviera Tower), импозантен 50-катен „зелен“ облакодер висок 200 метри, кој веќе го надмина историскиот рекорд како највисоката зграда во Грција.






Меѓу облаците и Егејското Море

Дизајнирана од светски познатото архитектонско биро Foster + Partners, 50-катницата претставува архитектонско ремек-дело засновано на одржливи и еколошки принципи.

Облакодерот се издига на 200 метри висина, содржи 170 луксузни апартмани и нуди панорамски поглед кон Саронскиот Залив.

Зградата го носи приматот на прв зелен станбен облакодер на Медитеранот со обезбеден престижен LEED Gold еколошки сертификат.

Официјалните извештаи од менаџментот на компанијата потврдуваат дека цените на најгорните катови и ексклузивните пентхауси достигнаа до 32.000 евра по метар квадратен. Иако во меѓувреме на секундарниот пазар и преку препродавачи се шпекулира со неофицијални понуди кои се доближуваат до границата од 40.000 евра.

Купуваат милијардери во строга дискреција

Спротивно на очекувањата дека кулата ќе биде окупирана исклучиво од холивудски ѕвезди, податоците на инвеститорот откриваат изненадувачки тренд – грчката елита во првите редови. Дури 60% од купувачите се богати Грци, додека дополнителни 20-25% се припадници на грчката дијаспора, главно моќни бизнисмени и бродски магнати од Лондон и од Блискиот Исток.

Останатите 15% припаѓаат на богати купувачи од над 100 земји, вклучувајќи ги САД, Емиратите, Египет и Сирија.

За разлика од грчките острови како Антипарос каде што традиционално купуваат ѕвезди како Том Хенкс, купувачите во кулата Ривиера потпишуваат строги договори за доверливост. Имињата на светските милијардери кои ги купиле најскапите катови се чуваат во строга тајност, а имотите најчесто се купени преку офшор компании и инвестициски фондови за да се заштити нивната приватност.

Елиникон – елитниот „15-минутен град“ на Атинската ривиера

Квартот околу кулата е поставен на принципите на „15-минутен урбанизам“ – концепт каде што сè е достапно на само 15 минути пешачење. Срцето на овој реон е Метрополитен паркот Еленикон кој со површина од над 260 хектари ќе стане најголемиот крајбрежен јавен парк во Европа.

Во елитната населба Еленикон се градат модернизирана јахт-марина надополнета со елитната шопинг-дестинација Riviera Galleria, The Ellinikon Mall – најголемиот мол во Грција, и импозантен туристички комплекс на Hard Rock Hotel & Casino вреден 2,1 милијарди евра.

Мегапроектот Елиникон крие уште неколку фасцинантни, речиси неверојатни технички и социјални детали кои дополнително го привлекуваат вниманието на светската јавност. Наместо да го фрлат стариот бетон од поранешните аеродромски писти, планерите направиле револуционерен еколошки чекор. Тие се целосно рециклирани и се искористени за создавање патеки, подлоги, па дури и уникатни модерни скулптури низ паркот, со што драстично се намалиле штетните емисии на јаглерод при градбата.

Елиникон има свој сопствен дигитален близнак во реално време (Digital Twin). Компјутерски систем придвижуван од вештачка интелигенција и илјадници IoT сензори ја следи работата на целиот кварт. Сателитски системи го мерат нивото на морето за заштита од поплави. Сензори во почвата ја регулираат потрошувачката на вода за наводнување на милионите растенија. Паметни контејнери го оптимизираат собирањето отпад, а органскиот отпад веднаш се претвора во компост за паркот.

За време на Олимписките игри во Атина во 2004 година, овој простор беше домаќин на натпреварите во кајакарење. Сега, тоа огромно олимписко езеро (со површина од 14.600 метри квадратни) се трансформира во централен био-базен кој ќе служи како природен резервоар за наводнување на целиот спортски парк.

Иако сите се фокусирани главно на луксузот, инвеститорот Lamda Development донесе стратешка одлука првиот целосно завршен објект во целиот комплекс да биде најмодерен државен центар за згрижување и поддршка на лица со попреченост. Објектот вреден 15 милиони евра веќе работи и служи како европски модел за инклузивна инфраструктура.

Покрај ултра-скапите кули на крајбрежјето, во внатрешноста на комплексот се гради нов станбен блок наречен „Мала Атина“ (Little Athens). Идејата на архитектите е тука да се понудат помали и попристапни модерни апартмани со цел Елиникон да не стане затворен „гето-кварт“ за богаташи, туку функционално маало за локалното население.

За Грција, овој проект има многу подлабоко значење од обичен пазар на недвижности. По тешките години на должничка криза, Елиникон веќе генерира милијарди евра во буџетот и привлекува огромен бран странски капитал. Првата фаза и комплетирањето на облакодерот се очекуваат на почетокот на 2027 година, кога Атина и официјално ќе го етаблира својот статус на нов луксузен центар на Медитеранот.

Поврзани содржини