35 СЛУЧАИ НА ЗАПАДНО-НИЛСКА ТРЕСКА, ТРИ ЛИЦА ПОЧИНАЛЕ Клековски откри колку пациенти се во критична состојба
Здравствените власти ги зголемиле дијагностичките капацитети, а Клековски посочи дека при следењето на случаите мора да се разликува местото на живеење од местото каде што пациентот се заразил.
Во земјава досега се потврдени 35 случаи на западно-нилска треска, додека три лица се водат како суспектни и се во процес на дијагностицирање, информира денеска министерот за здравство Сашо Клековски.
Според Клековски, шест пациенти со западно-нилска треска во моментов се во критична состојба и се лекуваат на одделите за интензивна нега на Клиниката за инфективни болести.
Од досега потврдените случаи, најголем дел од пациентите се згрижени на Клиниката за инфективни болести, додека еден пациент се лекува во приватна здравствена установа.
Министерот информираше дека досега се регистрирани и три смртни случаи, додека 15 пациенти ја надминале инфекцијата и се отпуштени од Клиниката за инфективни болести.
Клековски посочи дека во моментов Атина е меѓу најактивните подрачја во Европа кога станува збор за западно-нилската треска.
Според податоците што ги презентираше, во Грција досега се регистрирани 81 случај со невроинвазивна форма на болеста и девет смртни случаи, а случаи се регистрирани и во пограничните подрачја со Северна Македонија.
Здравствените институции, според Клековски, ги зголемиле дијагностичките капацитети за следење на инфекцијата.
– Ако минатите години се правеле по 40 анализи годишно, ние сме веќе на ритам од четири до осум анализи дневно. Да потсетам дека двапати треба два независни теста за конечна потврда на дијагнозата – рече Клековски.
Тој додаде дека за можните случаи се информирани сите здравствени работници кои можат да дојдат во контакт со пациенти со симптоми на западно-нилска треска.
Информациите, како што посочи, се доставени до инфективните одделенија, матичните и семејните лекари, како и до Клиниката за неврологија и невролозите.
Клековски нагласи дека при мапирањето на случаите мора да се прави разлика меѓу местото на живеење на пациентот и местото каде што најверојатно се заразил.
– Местото на живеење не значи автоматски и место на инфекција – објаснува министерот.
Инаку, западно-нилската треска се пренесува најчесто преку убод од заразен комарец. Претходно здравствените власти соопштија дека дел од годинашните случаи во земјава се поврзани со локално стекната инфекција, додека еден случај бил поврзан со патување во Грција.